
Герасимовски: Исчистена дивата депонија зад амбасадата на Грција, граѓаните да пријавуваат проблеми со јавната чистота
- Детали
- Категорија: Центар
- Создадено: 12 Март 2025

Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека општинските служби со механизација вчера ја исчистија дивата депонија која била лоцирана позади Амбасада на Република Грција. Тој потенцира дека чистењето на дивите депонии е приоритет на општина Центар, затоа што тие претставуваат закана за здравјето на граѓаните и животната средина.
„Во текот на вчерашниот ден ја исчистивме дивата депонија позади Амбасада на Република Грција. Со камион се подигна отпад од мебел, пластика и картони. Депониите се потенцијален извор на инфекции, загадување и опасност за жителите. Наша обврска е да реагираме брзо и ефикасно, грижата за чиста и здрава околина мора да биде заедничка одговорност на институциите и граѓаните“, изјави Герасимовски.
„Ова е третата исчистена депонија во последните неколку месеци. Претходно беа отстранети дивата депонија позади трговскиот центар Буњаковец, до катната гаража и дивата депонија во близина на трговскиот центар Ист Гејл Мол којашто беше под надлежност на Градот Скопје“, информира општина Центар.
„Ги повикувам сите граѓани да пријавуваат диви депонии и проблеми со јавната чистота со цел навремена интервенција на општинските служби. Пријавите можат да се достават на телефонските броеви: 076/350-767 и 02/3203-693. Нашите служби веднаш ќе излезат на терен за да ја подобриме хигиената во Центар. Само со заеднички напори можеме да создадеме поубаво и почисто место за живеење“, посочи Герасимовски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
