
Нови трагични детали за смртта на Џин Хекман откриени со најновата обдукција
- Детали
- Категорија: ШоуБиз
- Создадено: 28 Април 2025

Конечните резултати од обдукцијата на легендарниот добитник на „Оскар“, Џин Хекман, открија сериозни здравствени проблеми што ги имал актерот пред смртта, два месеца откога тој и неговата сопруга Бетси Аракава беа пронајдени мртви во својот дом во Ново Мексико.
Како што објавува „Фокс њуз“, повикувајќи се на извештај од Канцеларијата на медицинскиот испитувач, Хекман (95) со години страдал од конгестивна срцева слабост и имал изразени хронични хипертензивни промени на бубрезите. Во 2019 година му беше вграден бивентрикуларен пејсмејкер, а обдукцијата дополнително покажа присуство на невродегенеративни промени поврзани со Алцхајмеровата болест.
„Беа откриени сериозни артериосклеротични и хипертензивни промени во кардиоваскуларниот систем, беа поставени стентови во коронарните артерии, беше направен бајпас, а аортната валвула претходно беше заменета“, се наведува во извештајот. Исто така, биле пронајдени траги од стари срцеви удари, а анализата на мозокот открила микроскопски знаци на напредна Алцхајмерова болест.
Иако некои се сомневаа, обдукцијата покажа дека Хекман не бил заразен со хантавирус – ретка, но опасна инфекција, што ја пренесуваат глодачи, а која предизвикала смрт кај неговата сопруга.
Полицијата потврди дека Бетси Аракава починала околу 12 февруари од респираторни компликации предизвикани од хантавирус, на 65-годишна возраст. Според извештајот добиен од „Дејли мејл“, пребарувањето на нејзиниот компјутер открило пребарувања на интернет за симптоми слични на грип и Ковид-19.
Вештакот исто така изјави дека тестовите не покажале труење со јаглероден моноксид, а во крвта на Хекман биле откриени траги од ацетон, што веројатно е резултат на дијабетична кетоацидоза или гладување.
Се претпоставува дека Хекман, поради прогресијата на Алцхајмеровата болест, талкал низ куќата неколку дена по смртта на неговата сопруга, несвесен што се случило. Тој почина речиси една недела подоцна, околу 18 февруари, од последиците на тешка срцева болест, дополнително влошена од Алцхајмерова болест и заболување на бубрезите.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
