
(Видео) Трамп го нападна новинарот кој праша за луксузниот авион: Ти си срамота!
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 22 Мај 2025

Американскиот претседател Доналд Трамп бурно реагираше на прашањата од новинарот на „Ен-би-си Њуз“, Питер Александар, за луксузниот авион што катарската влада планира да го донира на САД, нарекувајќи го „ужасен новинар“ и „гад“ затоа што не прашал за она што го нарече „геноцид врз белите јужноафрикански земјоделци“ на кои Трамп им додели статус на бегалец.
За време на билатералната средба во Овалната соба со јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, Трамп го изненади својот гостин пуштајќи видео на кое се гледа како левичарскиот опозициски лидер Џулиус Малема го извикува контроверзниот слоган против апартхејдот.
Трамп тврдеше дека видеото прикажува масовна гробница во која се закопани околу илјада бели Африканци, кои, според него, биле убиени од јужноафриканската влада преку расно мотивирано одземање на земјиште.
Според Си-ен-ен, снимката прикажана во Овалната соба всушност покажува политички споменик, а не гроб, и служи како симболичен маркер на смртта на белите земјоделци, а не како вистински гробишта.
https://twitter.com/i/status/1925235621817102440
По неколкуминутно покажување на снимката, за време на кое Рамафоса несмасно го праша Трамп дали може да добие повеќе информации за наводните гробници, Питер Александар го покрена прашањето за „небесната палата вредна 400 милиони долари“ – луксузен авион што катарското кралско семејство сака да го подари на американската влада.
Критичарите тврдат дека таков подарок би можел да претставува форма на поткуп и кршење на клаузулата за примања од Уставот, додека Трамп цврсто го бранеше прифаќањето на подарокот, тврдејќи дека би било „глупаво“ да се одбие таква понуда.
https://twitter.com/i/status/1925244512596632044
Александар го започна прашањето велејќи: „Господине претседателе, Министерството за одбрана објави дека ќе прифати катарски авион за употреба како „Ер Форс Уан“, но Трамп го прекина со извик: „За што зборувате?!“
Рамафоса се обиде да одговори на тврдењата на Трамп за „геноцид“, но Трамп продолжи:
„Треба да си одиш од тука. Каква врска има тоа со катарски авион? Тие даваат авион на американските воздухопловни сили, и тоа е одлично. Зборуваме за поважни работи!“
„Вие во Ен-би-си се обидувате да го одвлечете вниманието од она што штотуку го покажавме. Вие сте ужасен новинар. Прво го немаш тоа што треба за да бидеш новинар. Не си доволно паметен“, рече Трамп.
Потоа тој уште еднаш го пофали Катар за „многу убавиот чин“ на донирање на луксузен авион.
„Ужасен си, начинот на кој ја водиш таа мрежа, и ти си срамота. Нема повеќе прашања од тебе!“ рече Трамп.
Тој не застана тука – постојано се враќаше на Александар, нарекувајќи го „гад“ и преправајќи се дека не му го знае името, додека продолжуваше да зборува за „теоријата на заговор за геноцид против белите земјоделци“.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
