Предлогот Трајко Славески да биде гувернер значи погребување на последната независна институција, велат од СДСМ

Предлогот Трајко Славески да биде гувернер значи погребување на последната независна институција, велат од СДСМ. Од таму најавија дека остро ќе се спротивстават на изборот на Трајко Славески за гувернер на Народната банка.

„Невиден преседан е да се дозволи класичен партиски пион да ја води оваа важна финансиска институција, каде што досега секогаш имало независни експерти на функцијата гувернер. Трајко Славески е човекот за кој 9.000 денари минимална плата се многу пари. Тој е перјаницата на Мицкоски против интересите на работниците. Гувернер ќе стане економистот кој е познат како најголем непријател на идејата за покачување на минималната плата, како и непријател на правилното пресметување на потрошувачката кошничка за четиричлено семејство – човекот што, додека ги водеше финансиите на земјата, жестоко ја раскрчмуваше и задолжуваше државата. Славевски е висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше близок соработник и на Никола Груевски, министер во неговата влада, која ги понижуваше работниците и ги третираше како евтина работна сила“, велат од СДСМ.

Како претседател на Советот на Град Скопје, велат од СДСМ, Славески ќе остане запаметен како лицето што го уништи градот.

„Славески ги водеше битките на Мицкоски со Арсовска откога им пропаднаа бизнис-зделките. СДСМ е длабоко разочаран и од полтронскиот однос на претседателката Сиљановска. Нејзиното потклекнување пред барањата на Мицкоски е доказ дека ниту некогаш била независна ниту, пак, во иднина ќе донесе независна одлука. Таа, како и сите претходни претседатели избрани од ВМРО-ДПМНЕ, е тука само за да исполнува партиски наредби. Имаше можност да застане зад сопствен избор, да промовира независна и стручна личност, но реши да ја наведне главата пред Мицкоски“, велат од партијата.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.