
Поднесени две обвиненија за „Онкологија“: 29 пациенти примиле несоодветна, а 16 непотребна терапија
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 22 Мај 2025

Скопското обвинителство поднесе две обвиненија за случајот „Онкологија“, со кој се опфатени шест лица, и тоа медицинскиот директор, организацискиот директор на Клиниката и четворица онколози, меѓу кои и еден поранешен директор.
„Првото обвинение се однесува на економското работење на болницата и опфатени се две лица – медицински директор и организациски директор на Клиниката. Обвинети се за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата“, соопшти обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска.
Таа појасни дека делата ги извршиле во временски период од 2018 до 2022 година и прибавиле значителна имотна користи за друг од над 2,2 милијарди денари.
Исто така, двајцата се обвинети за измама во службата, така што во вршење на својата службена должност со намера за друг да прибават противправна имотна корист, создале противправна обврска и го довеле во заблуда Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија да изврши незаконита исплата. На тој начин прибавиле значителна корист за добавувачите на лекови во вкупен износ од над 430 милиони денари. Обвинетите, во постапките за јавни набавки на лекови – биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ за тоа, по што за покривање на реверсите спроведувале постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни бидејќи добавувачите на лекови во рамки на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно дадените лекови на реверс, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку јавните набавки. Со ваквите противзаконити дејствија обвинетите креирале противправни обврски на Фондот, кој бил доведен во заблуда дека условниот буџет кој го одобрува се однесува на законски креирани обврски, а не за намирување на противправно креирани обврски за лекови набавени на реверс, поради што Фондот на годишно ниво одобрувал условен буџет на Клиниката, од кој потоа биле исплаќани лековите набавени на овој начин.
Медицинскиот директор помогнат од организацискиот директор извршил проневера во службата, така што набавил лекови што имал намера да ги присвои, односно лекови што фиктивно ги раздолжувал, односно не им ги давал на пациентите во чие име ги раздолжувал.
Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица онколози, меѓу кои и поранешниот директор, кој е обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето и за несовесно лекување болни.
Гоговска-Јакимовска рече дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил неподобен начин на лекување, односно давал лекови од новите генерации, со што тешко им го нарушил здравјето на пациентите.
Докторите, пак, одредувале терапија со лекови од нови генерации во фази кога било очигледно дека пациентот нема да има ефект од лекувањето со отстапување од дозирањето, со што дополнително ја влошиле нивната состојба.
Со вештачењето на медицинските извештаи кај 29 пациенти е утврдено несоодветно давање терапија, други 16 непотребно примиле терапија, а деветмина зеле дел од терапијата.
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека за да се обезбеди непристрасност, Обвинителството успеало да обезбеди две медицински вештачења од Словенија и од Србија, кои се однесуваат на разни сегменти од лекувањето на пациентите.
Биле испратени 65 истории на онколошки пациенти и било потврдено дека во висок процент терапијата не била давана онака како што е предвидено во протоколите за овие болести.
„Истрагата обезбеди докази, кои ги потврдија сомненијата дека на Онкологија се вршеле злоупотреби и проневери со скапата биолошка терапија“, рече Коцевски.
Тој изјави дека сака да ги увери пациентите дека и покрај констатираните кривични дела, на Клиниката за онкологија работат и чесни професионалци, во кои треба да се има доверба.
„Овој предмет мора да биде лекција за сите надлежни да се залагаат за унапредување на протоколите за работа на сите здравствени институции. Случајот покажува дека, за жал, состојбите во здравството кај нас се влошуваат“, рече Коцевски.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
