Македонија доби зелено светло од Енергетската заедница за новиот Закон

 

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини изрази благодарност за официјалната поддршка од Секретаријатот на Енергетската заедница по повод усвојувањето на новиот Закон за енергетика во Собранието на Република Македонија. Од Министерството порачуваат дека оваа поддршка е јасен сигнал за европската ориентација на државата и нејзината заложба за усогласување со европските енергетски стандарди.

 

„Поддршката од нашите европски партнери е признание за квалитетот на новата правна рамка. Овој закон претставува стратешки чекор кон поголема енергетска интеграција, сигурност и одржливост за нашите граѓани и компании“, соопшти Министерството за енергетика.

 

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, ја поздрави одлуката на Собранието, нарекувајќи го новиот закон „значајна пресвртница“ за интеграцијата на земјата во европскиот енергетски пазар.

 

„Усвојувањето на овој закон ја потврдува силната заложба на Македонија за европска енергетска интеграција. Новата рамка овозможува поврзување со европските ден однапред и интрадеј пазари, што е клучно за развојот на електроенергетскиот сектор“, истакна Лорковски.

 

Од Министерството нагласуваат дека законот е резултат на инклузивен процес со вклученост на експерти, регулатори, енергетски компании, граѓански организации и академската заедница.

 

„Работевме транспарентно и заеднички со сите засегнати страни. Законот не само што ги следи директивите на ЕУ, туку ги вградува и реалните потреби и предизвици на македонскиот енергетски сектор“, додаваат од Министерството.

 

Во наредниот период, Министерството ќе продолжи со тесна соработка со Енергетската заедница за да се обезбеди целосна имплементација и редовна верификација на усогласеноста на законските одредби.

 

„Нашата крајна цел е целосно учество на Македонија во европскиот енергетски пазар, со конкретни економски придобивки, енергетска стабилност и позелена иднина за сите“, се наведува во соопштението.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.