„Ајде, слушаш слушај…“ одекна во Белград, македонската култура доби свој дом

 

Со свечена програма насловена „Ајде, слушаш слушај…“ синоќа во Белград беше отворен македонскиот Културно-информативен центар – новото седиште на македонската култура, јазик, уметност и традиција во српската престолнина.

 

На отворањето присуствуваа бројни гости од културниот и политичкиот живот на двете земји, а свои обраќања имаа потпретседателот на македонската влада Иван Стоиљковиќ, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, српскиот министер за култура Никола Селаковиќ, македонскиот амбасадор во Србија Никола Тупанчевски и директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.

 

Министерот Зоран Љутков во своето обраќање истакна дека отворањето на Културно-информативниот центар во Белград претставува значаен чекор напред во билатералната соработка на културно поле.

 

„Да се отвори македонски културен центар овде во Белград, токму на улица која го носи името ‘Македонска’, не е само случајност, ова е и порака и сведоштво дека културата ги поврзува не само државите туку и луѓето“, рече Љутков.

 

Тој нагласи дека центарот ќе биде духовен дом за македонската заедница во Србија, но и место отворено за сите што сакаат да ја запознаат македонската уметност и традиција.

 

„Овој центар ќе биде и духовен дом за македонската заедница што живее и создава во Србија – место каде што ќе се негува сопствениот идентитет, но и ќе се отвораат врати за нови пријателства и заеднички иницијативи“, додаде министерот.

 

Настанот помина во атмосфера исполнета со музика, уметност и симболика, со цел да се претстави богатото македонско културно наследство на публиката во Србија и да се зајакнат културните врски меѓу двете земји.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.