
Ахмети му порача на Мицкоски дека Албанците не се гости во оваа држава
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 17 Мај 2025

На завршниот мобилизациски собир на ДУИ во Арачиново, лидерот Али Ахмети испрати остри политички пораки до премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го за обиди да се загрози соживотот и мултиетничкиот карактер на државата. Во преполна сала со граѓани, Ахмети го искористи говорот за да ја заокружи кампањата на ДУИ и да реагира на најавените промени на закони кои, според него, директно ги засегаат Албанците.
„Ние не ја носиме државата со себе – ние имаме право да ја водиме, тоа ни припаѓа! Албанците се над 30%, живеат континуирано на своите огништа и се нераскинлив дел од државноста“, изјави Ахмети, реагирајќи на стравувањата дека Албанците наводно ја „преземаат државата“.
Ахмети упати и директно прашање до Мицкоски, барајќи објаснување за измените во Законот за употреба на јазиците и за Охридскиот рамковен договор.
„Зошто го менува Законот за употреба на јазиците? Зошто го менува Охридскиот Мировен Договор? Зошто го загрозува мирот, стабилноста и безбедноста на државата?“, праша Ахмети, посочувајќи дека таквите политики водат кон опасна радикализација и поделби.
Особено ја осуди реториката за „чесни Албанци“, оценувајќи ја како враќање на идеологии од минатото.
„Знаете ли кој ја користеше филозофијата за ‘чесните Албанци’? Милошевиќ! А секој што денес ја промовира таа идеја, ја оживува логиката која Албанците ја поразија“, рече Ахмети, потенцирајќи дека Албанците денес се академски и политички оформени, со три универзитети и илјадници стручни кадри.
Според него, државата не може повеќе да се води едноетнички, а оние кои, како што кажа, „му служат на злото“, не можат да бидат партнери на Албанците.
Во завршницата, Ахмети повика на регионално помирување и европска интеграција, со јасно отфрлање на националистичките проекти:
„Ние не бараме Голема Албанија, ниту Голема Србија, ниту Голема Бугарија – туку Голема Европа без граници, како што направија Германија и Франција.“
ДУИ, со овој собир, стави крај на низата мобилизациски средби низ земјата, најавувајќи продолжување на политичката борба за еднаквост, соживот и европска иднина.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
