
Германски министер: Стигнавме до нашите граници по прашањето за миграцијата
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 16 Мај 2025

Новиот германски министер за внатрешни работи, Александер Добриндт, изрази денеска решителност во намерата да спроведе строга миграциска политика со цел да го намали бројот на нерегулирани влегувања во Германија.
„Оваа политика веќе почна на германските граници“, изјави Добриндт обраќајќи му се на Бундестагот, алудирајќи на новите мерки за враќање на сите лица што не поседуваат потребни документи на германските граници, што се однесува на оние што сакаат да поднесат барање за азил во Германија.
Добриндт рече дека можностите на германското општество кога станува збор за интеграција дошле до своите граници и затоа, како што рече, Германија мора да испрати сигнал во светот дека дошло до промена во миграциската политика.
„Затоа мора да дејствуваме што побргу“, рече Добриндт и објасни дека во првата недела од примена на новите правила, при обид да влезат во Германија, биле одбиени 45 проценти повеќе лица отколку една недела пред тоа.
Министерот од редовите на Унијата CDU/CSU најави и систематско протерување на криминалците во земји како што се Авганистан или Сирија. Онеможувањето влез во земјата за лицата што имаат намера да поднесат барање за политички азил во Германија наидува на критики како во Германија така и кај соседите, особено во Полска и Швајцарија.
Германија се повикува на т.н. даблинско правило според кое за азил е одговорна онаа земја членка на Европската Унија во која подносителот влегол во ЕУ, а тоа, кога станува збор за копнена граница, не може да биде Германија. На внатрешен план, новата германска влада под раководство на канцеларот Фридрих Мерц се обвинува за тоа што онеможувањето да се поднесува барање за азил е неуставно.
Истовремено, германските медиуми, повикувајќи се на извори од полицијата, јавуваат за силен пад на бројот на нерегулирани влегувања во земјата од почетокот на годината. До почетокот на мај се забележани 22.000 обиди за влез, што претставува значителен пад во споредба со 2024 година кога во истото време биле забележани 83.000, а во 2023 година 127.000 преминувања.
Стручњаците исто така укажуваат дека намалениот број илегални мигранти е резултат на подобрени контроли на надворешните граници на Европската Унија. Австрискиот министер за економија и туризам, Вилфрам Хатмансдорфер, ја пофали германската постапка на границата со Австрија.
„Среќен сум и задоволен поради тоа што во Германија дошло до промена во начинот на размислување кога станува збор за миграциската политика“, изјави Хатмансдорфер. Тој додаде дека оние што бараат заштита во Европа се добредојдени, но не и оние што доаѓаат од економски причини.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
