ЕУ: Ќе престанеме да увезуваме руски гас; Кремљ: Си пукаат во нога

 

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес за Ројтерс изјави дека Европската Унија си пука во нога со својот предлог да го запре целиот увоз на руски гас до крајот на 2027 година.

 

Европската комисија соопшти дека следниот месец ќе предложи законски мерки за постепено запирање на целиот увоз на руски природен и течен природен гас, во обид да се прекинат децениските енергетски односи со својот поранешен главен снабдувач со гас.

 

„Тие ја намалуваат конкурентската средина со тоа што претпочитаат поскапи стоки од САД и други земји. Можеме само да се надеваме дека следната генерација европски политичари ќе ја процени ситуацијата потрезвено“, рече Песков.

 

Европската комисија следниот месец ќе објави законски предлог за забрана на нови договори и раскинување на постојните краткорочни договори за снабдување со гас преку цевководи и течен природен гас со руски компании, што би стапило на сила до крајот на 2025 година.

 

Ова ќе ги намали испораките на руски гас за една третина до крајот на оваа година. После тоа, увозот на руски гас постепено ќе се намалува во текот на следните две години, а до крајот на 2027 година, ЕУ дефинитивно ќе престане да биде зависна од рускиот гас.

 

„Сега е време Европа целосно да ги прекине своите енергетски врски со несигурен снабдувач. Енергијата што доаѓа на нашиот континент не треба да биде надомест за агресивна војна против Украина. Им го должиме тоа на нашите граѓани, нашите бизниси и нашите храбри украински пријатели“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

 

Од почетокот на руската инвазија на Украина, ЕУ значително го намали увозот на руски гас преку гасоводи. Во 2021 година, 45 проценти од потрошениот гас во ЕУ доаѓаше од Русија, а во 2024 година ова беше намалено на 19 проценти. Од друга страна, ЕУ продолжи да увезува руски течен гас.

 

Планот на Комисијата предвидува и мерки во областа на увозот на руска нафта, чиј удел веќе се намали од 27 проценти на почетокот на 2022 година на сегашните три проценти поради европските санкции.

 

Меѓу другото, ЕК планира дополнителни мерки насочени кон таканаречената флота во сенка. Станува збор за бродови под знамиња на трети земји што Русија ги користи за да го заобиколи ограничувањето на цените наменето за ограничување на извозот на руска нафта во трети земји.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.