
Дирекцијата за радијациона сигурност одбележa 20-годишен јубилеј
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 06 Мај 2025

Дирекцијата за радијациона сигурност на Република Северна Македонија прослави 20 години од своето основање. Директорот на Дирекцијата, Зоран Бајовски, во своето обраќање се задржа на професионална посветеност на сите вработени во регулаторното тело да ја реализираат нејзината мисија.
„Дваесет години се само почетокот на нашата мисија – да ја чуваме безбедноста на луѓето и на животната средина. Горди сме на резултатите што ги постигнавме и свесни сме дека пред нас стојат нови предизвици, но благодарение на посветениот тим и поддршката од меѓународната заедница, нашата институција е подготвена да одговориме на тие предизвици со знаење, стручност и одговорност. Овој јубилеј е одлична можност да се изрази благодарност за сите оние кои во изминатите години работеа во Дирекцијата, која изгради цврста основа на професионализам, транспарентност и соработка. Нејзината работа се заснова на научни принципи и меѓународно усогласени добри практики, со цел да се осигура дека употребата на јонизирачко зрачење се спроведува под строги контроли и безбедносни мерки. Таа е едно од регулаторните тела кои се во срцето на националната безбедносна инфраструктура, и така ќе остане и во следните години “, рече Бајовски.
Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, во обраќањето рече дека јавните здравствени установи, во кои се вршат дијагностички снимања на пациентите со мамограф, компјутерска томографија, магнетна резонанца, или пак акцелератори, работат согласно пропишаните стандарди на Дирекцијата за радијациона сигурност и Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност.
„Здравствениот сектор континуирано соработува со Дирекцијата, особено во делот на јавните здравствени установи кои во својата област вршат дејност со извори на јонизирачко зрачење. Безбедноста на пациентите и заштитата на јавното здравје е наш врвен приоритет, особено во овој сегмент, и токму затоа и во рамки на Институтот за јавно здравје функционира посебно одделение за радијациона заштита, кое врши мониторинг во оваа сфера. Продолжуваме и во иднина со заеднички заложби и со меґуинституционална соработка да делуваме, со единствена цел заштита на пациентите и јавното здравје, како и заштита на животната средина“, рече Андовски.
Основана во 2005 година како независен национален регулаторен орган, Дирекцијата ја презеде клучната улога на контрола, надзор и лиценцирање на сите активности поврзани со јонизирачко зрачење, вклучувајќи медицински, индустриски, образовни и истражувачки апликации. Со својата дејност, институцијата обезбедува регулаторна рамка што ги следи највисоките меѓународни стандарди за радијациона сигурност и нуклеарна безбедност.
Еден од најзначајните аспекти на работата на Дирекцијата е постојаното следење и надзор на радијационото опкружување, како и спроведувањето на строгите стандарди за радијационата сигурност и безбедност во сите области на медицината, индустријата и научните истражувања. Дирекцијата спроведува редовни инспекциски надзори кај сите носители на одобренија и дозволи за работа со извори на јонизирачко зрачење, со што се обезбедува постојана контрола на усогласеноста со прописите и примената на мерките за заштита. Над 1.500 лиценци и дозволи се издадени досега, со фокус на медицински институции, индустриски објекти и образовни институции. Во просек се издаваат околу 120 дозволи за вршење на дејност со извори на јонизирачко зрачење на годишно ниво. На годишно ниво се спроведуваат околу 200 инспекциски надзори.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
