ПАП-тестот е најефикасен кога се изведува редовно, на секои 1-3 години според возраста и ризикот, велат од МАГО

ПАП-тестот е најефикасен кога се изведува редовно, на секои 1-3 години според возраста и ризикот, велат од Македонската асоцијација на гинеколозите и опстетричарите.

 

Вкупно 191 жена биле прегледени во рамките на проектот „Мобилни гинеколошки амбуланти“ за периодот март – април – мај 2025. Биле посетени Крушево, Бучин, Алдинци, Пресил, Норово, Светомитрани, Кривогаштани, Македонски Брод, КПУ „Идризово“, ХОПС – сексуални работнички.

 

Од МАГО напоменуваат дека редовниот гинеколошки преглед и навремениот ПАП-тест претставуваат клучни алатки за рано откривање промени на грлото на матката. Во рамките на теренските активности на мобилната гинеколошка амбуланта на сите пациентки им бил понуден ПАП-тест – едноставна, безболна и високоефикасна метода за скрининг на премалигни и малигни состојби.

 

Кај три пациентки, на просечна возраст од 42 години, била детектирана лесна интраепителна неопластична лезија (ЦИН 1) поврзана со ХПВ-инфекција, што е пример за важноста на редовната проверка и можноста за рана интервенција.

 

Главни заклучоци од проектот се дека ПАП-тестот е најефикасен кога се изведува редовно, на секои 1-3 години според возраста и ризикот, многу жени, особено од маргинализираните заедници, немаат пристап до овие услуги и скринингот овозможува навремено откривање и спречување цервикален карцином.

 

МАГО препорачува да се зголеми информираноста за важноста на редовен ПАП-тест, да се обезбеди бесплатен и пристапен скрининг за сите жени, без оглед на нивната социјална или географска положба, да се едуцираат жените за значењето на ХПВ-инфекцијата и нејзината поврзаност со карциномот на грлото на матката и да се воведат редовни теренски активности и во заедниците во кои нема матичен гинеколог.

 

„Со редовно спроведување ПАП-тестови на терен, особено кај жени што долго време не посетиле гинеколог или никогаш не направиле скрининг, оваа амбуланта значајно придонесува за рана детекција на цервикалните промени и превенција од рак на грлото на матката. Овие резултати испраќаат силна порака – раното откривање не е привилегија, туку право, а превенцијата мора да биде достапна за сите. Поддршката за вакви мобилни модели е инвестиција во едно поздраво, поеднакво и поодговорно општество“, велат од МАГО.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.