
Движењето ЗНАМ до СДСМ: Крадецот вели, држете го крадецот, ние сме дома и градиме за нашите граѓани а не во Дубаи
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 07 Мај 2025

Ја разбираме очајната состојба во која се наоѓа СДСМ, во својата безидејност, во својот слободен пад како партија на македонската политичка сцена, отвораат стари теми кои се отворени и затворени за јавноста пред повеќе од 9 месеци, реагираат од движењето ЗНАМ на прес-конференцијата на СДСМ.
За ЗНАМ, како што велат, денешниот прес организиран од новата и веќе етаблирана коалиција помеѓу СДСМ и Левица, а во интерпретација на сомнително лице со документирани здравствени проблеми од психолошка природа, за кое не сме сигурни дека ја консумирала потребната дневна доза лекови е дежаву на настаните од пред 4 години, односно за време на Локалните избори во 2021 година.
„И тогаш, и сега токму пред локалните избори кои треба да се одржат во октомври, на маса е истото неуспешно сценарио организирано од СДСМ. Би сакале да ја потсетиме јавноста дека од страна на поранешната Влада, еден од најголемите инвестициски проекти во Македонија, кој вреди стотина милиони евра беше опструиран и закочен. Компанијата ЛИДЛ и нивната инвестиција во индустриската зона Нивини и Речица во Куманово е една од стратешките развојни активности како за Куманово, така и за Македонија, која треба да обезбеди нови работни места и економски раст во регионот.
На крајот од мандатот на поранешната Влада, сакајќи да обезбеди политички поени пред Парламентарните избори минатата година ја промовираше оваа капитална инвестиција и беа првите лопатари на чело со поранешниот Премиер Димитар Ковачевски (Слики). Не ни е јасно зошто тогаш ЛИДЛ беше одлична, а сега е непосакувана инвестиција“.
Според движењето ЗНАМ, СДСМ, заробени во своите навики дека од секоја приватна инвестиција треба да извлечат личен бенефит и профит или народски кажано да рекетираат, обвинуваат дека тоа го прават другите.
„Во континуитет, СДСМ се води од народната поговорка: „ Крадецот вели, држете го крадецот“.Ние сме дома, во Македонија, а не во Дубаи на журките на Харис Џиновиќ, не градиме облакодери во Дубаи, ние градиме за граѓаните на Македонија. Ние ниту сме Зоран Заев кој направи милиони евра од ископите во РЕК Битола (за кои сега има постапки), ниту сме Венко Филипче кој земаше провизии за набавка на вакцини, реагенси и респиратори во Ковид кризата“.
Во пораката која му ја упатуваат на СДСМ велат дека во врска со една од најголемите капитални инвестиции во Македонија, нема ништо скриено.
„Сè е јавно. Сè е може да се провери. Сè е законски. Ова не е политика – ова е дефокус од вашите корупциски афери. СДСМ е партија во паника. Додека институциите ги отвораат вистинските скандали од вашето време – тендери, проневери, договори во четири очи и партиски вработувања – вие се обидувате да го одвлечете вниманието на јавноста со напади врз градоначалникот на Куманово. Денес, по децении на запоставеност, Куманово е препознаен како пример за локален развој.
ЗНАМ ќе продолжи. Без страв. Без компромис. Нема да се повлечеме“, велат од ова движење.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
