Сиљановска-Давкова со Милановиќ: Ветото ќе предизвикува проблеми, ние инсистираме и си го бараме местото во ЕУ, да речам дека се надевам утре да наидеме на разбирање – ќе згрешам

Во рамки на официјалната посета на хрватскиот претседател на нашата земја беше одржана заедничка прес-конференција на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот Зоран Милановиќ.

 

Претседателката изрази благодарност до претседателот Милановиќ за посетата.

 

„Благодарност за разбирањето и за пријателскиот однос на Хрватска. Благодарност за советите, мислам дека се многу корисни. А што да кажам за односите меѓу двете држави? – традиционално пријателски. Да повторам дека никогаш нема да заборавиме дека во 2020 година за времето на хрватското претседателство со ЕУ го направивме чекорот заедно со Албанија. Тоа е знак на разбирање, знак на поддршка. Јас и претседателот, како и претходно, рековме дека односите во сите сфери одат напред. Се разбира дека може да се развиваат“, кажа Сиљановска-Давкова.

 

Според неа, Хрватска и покрај тоа што е членка на Европската Унија, има разбирање за регионалните потреби, има разбирање за Западен Балкан и потсети дека многу пати, хрватскиот претседател повторува дека сме географски, културно и историски дел од Европа.

 

„Што да кажам за нашето чекање за Европската Унија? – Копенхагенските критериуми се тие што од нас ќе направат стандардна, европска, досадна држава, дека ветото не е пријателски инструмент и дека очекувам разбирање. Се разбира, ние мораме да ја тераме државната агенда, бидејќи легитимитетот ни извира од граѓаните. Кога го велам ова, мислам економски, културно, образовно и научно, да се развиваме. Скринингот покажува дека ние сме многу напред во хармонизирањето со акито (Acquis communautaire). Нашите проблеми се од друга природа, тие се врзани за историјата, за перцепцијата на културата, па дури и за јазикот, нешта за коишто не се разговара и преговара. Но, да повторам: ветото ќе предизвикува проблеми и нема да бидеме осамен случај. Ние инсистираме и си го бараме местото во ЕУ според копенхагенските критериуми. Да речам дека се надевам утре да наидеме на разбирање – ќе згрешам. Да, разбирање од Хрватска, да, разбирање од Словенија, но мислам дека се важни и односите со другите соседи. Очекувам да исчекориме и во тој поглед“, нагласи претседателката.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.