
Левица соопшти дека нема да го поддржи предложениот Закон за енергетика
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 03 Мај 2025

Политичката партија Левица соопшти дека нема да го поддржи предложениот Закон за енергетика, оценувајќи дека тој претставува уште еден чекор кон целосна либерализација на стратешкиот енергетски сектор, со што, според нив, државата се откажува од клучната улога во заштита на јавниот интерес.
„Со овој Предлог-закон се продлабочува процесот на либерализација на пазарот, а државата јасно покажува дека нема ниту намера, ниту план да ги национализира енергетските капацитети и да ги стави во служба на народот“, стои во соопштението на партијата.
Левица предупредува дека отворањето на пазарот за странски и домашни приватни оператори, мотивирани исклучиво од профит, ќе резултира со повисоки цени за граѓаните, поголеми социјални разлики и намалување на квалитетот на услугите. Според партијата, искуствата од други земји потврдуваат дека ваквиот тренд води кон енормно поскапување на струјата и ослабување на социјалната правда.
Во насока на ублажување на, како што ги нарекуваат, најштетните аспекти од предложениот закон, Левица поднела сет амандмани.
Тие се насочени кон зголемување на транспарентноста и контролата врз Регулаторната комисија за енергетика, подобра заштита на потрошувачите при мерење, фактурирање и наплата и воведување на реални и ефективни санкции за прекршувачите.
Меѓу главните слабости на законот, Левица ги посочува и недостигот на механизми за надзор и разрешување на Регулаторната комисија, можноста за издавање сметки со непроверени податоци и ниските казни кои, според нив, го стимулираат непочитувањето на законските обврски.
Партијата бара од Собранието да ја врати државната контрола врз енергетскиот сектор, да обезбеди фер и транспарентно функционирање и да ги заштити граѓаните од економскиот удар на приватизацијата.
„Ќе продолжиме доследно да се спротивставуваме на секој обид за приватизација на јавните добра, либерализација на стратешките сектори и уривање на државниот суверенитет“, порачуваат од Левица.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
