Ѓорѓиевски: Кисела Вода добива уште еден парк, со зеленило, реквизити и прв инклузивен сообраќаен полигон за деца

 

Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес направи увид во градежните активности за уредување на нов парк на површина од околу 1.250 м², кој ќе се простира во дел од просторот на училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“. Станува збор за досега запуштен простор кој добива целосно нова намена, ќе биде уреден како зелено катче со содржини за сите генерации.

 

Просторот, според најавите, ќе биде хортикултурно уреден, со детски реквизити, павер-елементи, урбана опрема, клупи и корпи за отпадоци, осветлување и зеленило. Покрај тоа, на еден дел од паркот ќе се изгради современ сообраќаен полигон за учење на сообраќајните правила, каде децата ќе можат да возат велосипеди и истовремено преку игра да се запознаат со сообраќајни знаци, семафори и сообраќајна култура. Особено значајно, велат од Општината, е што станува збор за прв инклузивен сообраќаен полигон, прилагоден за деца со попреченост. Тоа значи дека полигонот ќе содржи пристапни патеки, визуелни и звучни елементи, тактилни површини и специјално дизајнирани едукативни содржини кои овозможуваат еднаков пристап и активно учество на сите деца, без разлика на нивната способност.

 

– На местото на поранешна депонија, добиваме целосно нов урбан простор кој ќе им служи на жителите од овој дел на општината, но и на учениците од специјализираното училиште во близина. Создаваме катче каде децата ќе може да играат, да учат и да се развиваат во безбедна и уредена околина. Особено сум горд што тука го градиме првиот инклузивен сообраќаен полигон во општината – простор кој ќе биде прилагоден за сите деца, вклучително и оние со попреченост. Полигон со кој промовираме еднаквост, разбирање и интеграција уште од најрана возраст. Со пристапни патеки, звучни и визуелни елементи, тактилни површини и едукативни содржини, децата ќе можат низ игра да ги совладаат сообраќајните правила, но и да ја научат вредноста на инклузивноста. Овој проект, воедно е дел од пошироката стратегија на Општина Кисела Вода за зголемување на степенот на зеленило и подобрување на животната средина. Во последните 3.5 години, општината има оформено и уредено над 80.000 м² нови зелени површини, со што значително се подобрува еколошкиот амбиент и урбаниот пејзаж – изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.