Клуч од Кисела Вода за светските ракометни судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски

Клуч, како симбол на отворените врати на Општина Кисела Вода, денес од градоначалникот Ѓорѓиевски добија македонските ракометни судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои своевремено беа прогласени и за најдобра судиска двојка во светот во изборот на Светската ракометна федерација (ИХФ).

Со градоначалникот, кому му подарија дрес со нивните имиња, продискутираа за многуте големи натпреварувања на кои ја делеа правдата и на кои ја претставија Македонија во најдобро светло.

Имено, тие неодамна се вратија од Светското ракометно првенство, каде што судеа на финалето, пред тоа судеа на финалето на Африканското првенство, во 2021 на финалето на Олимпијадата, а на завршницата на Европското првенство судеа пред две години како еден континуитет на големите натпреварувања.

„Голема е честа и задоволството што денес сум во друштво на овие две големи имиња од македонскиот, но и светскиот ракомет. Оваа судиска двојка зад себе има голем број интернационални признанија и се надевам дека успешно ќе го продолжат континуитетот на големите натпреварувања. Од мое лично и од име на жителите на општина Кисела Вода сакам да им честитам и да им се заблагодарам што достојно го веат македонското знаме секаде каде што судат. Статуетката во форма на клуч, која денес им ја доделив, има симболично значење. Им ја доделуваме на нашите почесни граѓани, а тој епитет Николов и Начевски одамна го заслужија. Славе Николов е сè уште жител, а Ѓорѓи Начевски е пораснат во општина Кисела Вода и секогаш со гордост го истакнува тој факт. Клучот ја симболизира и поддршката од наша страна на која овие ракометни судии може секогаш да сметаат“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.