Град Скопје поднесе кривична за организацијата на новогодишната прослава со Дино Мерлин

Град Скопје, по иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал против поранешниот в.д. директор на Младинскиот културен центар (МКЦ), Русе Арсов.

Имено, градските власти бараат поведување постапка за утврдување одговорност поради непочитување на Законот за јавните набавки при објавување на јавниот повик за избор на коорганизатор за пречек на Новата 2020 година, објасни Даниел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје.

 

 

„Русе Арсов од Скопје во својство на в.д. директор на МКЦ Скопје, на 14.12.2019 година објавил јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за пречек на Новата 2020 година, а критериумите за избор на најповолна понуда со определни бодови од јавната установа биле донесени на 18.12.2019 година, односно по објавување на јавниот повик, и тие не се составен дел на јавниот повик“, рече Апостолоски.

Како што нагласи тој, поради необјавувањето на овие критериуми, потенцијалните учесници на јавниот повик не биле информирани на кој начин ќе се вршат доделувањето на бодовите и изборот на најповолна понуда.

„На објавениот јавен повик се пријавил еден единствен правен субјект, и тоа здружението Дирекција за култура и уметност од Скопје, при што на 19.12.2019 година комисијата за избор на коорганизатор што ќе ја организира избраната предлог-програма на активностите за пречек на Новата 2020 година, во согласност со записникот од одржан состанок на комисијата, утврдено е дека апликантот, здружението Дирекција за култура и уметност од Скопје, ги исполнува условите предвидени во конкурсот, при што во записникот не е извршено одделно бодирање, односно не е нотирано за кој критериум колку бодови се доделуваат, туку бодовите се доделени збирно“, истакна советникот за односи со јавност во Град Скопје.

Според Апостолоски, во понатамошната постапка Арсов како в.д. директор на МКЦ, на 20.12.2019 година склучил договор со здружениетото Дирекција за култура и уметност Скопје, со што постапил спротивно на Законот за јавните набавки и овозможил настанот да се организира надвор од пропишаната законска регулатива.

Русе Арсов на крајот од минатата година се повлече од директорската функција во Младинскиот културен центар, како што рече, поради здравствени причини.

Во однос на барањето на антикорупциската, Обвинителството да ја истражува новогодишната прослава во Скопје на која настапи Дино Мерлин, Арсов при објавувањетно на оставката посочи дека е уверен оти во овој предмет нема никаков криминал.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.