Шилегов: Ги обединуваме сите демократски сили за победа

Во првиот круг од изборите за градоначалник на Скопје учествуваа дури дванаесет кандидати, секој со своја визија за развојот на градот. Драго ми е што со повеќето од нив имавме слични проекти и размислувања како Скопје треба да продолжи да се развива.

Верувам дека граѓаните што ги поддржаа нив во првиот круг ја поддржуваат политиката на напредок и развој, која ние веќе четири години ја спроведуваме, со овие зборови ја почна денешната прес-конференција градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

„Од денес почнува процесот на окрупнување на мојата поддршка за градоначалник на Скопје. Подавам рака до сите граѓани, политички партии и организации кои веруваат дека Скопје мора да продолжи да се развива она како што почнавме, дека Скопје мора да остане град каде што граѓаните одлучуваат и дека Скопје не смее да се врати назад во времето на поделби, лажни митови и неплански развој“, нагласи Шилегов.

Актуелниот градоначалник порача дека само заеднички може да се продолжи почнатото. Со обединување на сите демократски сили, вели Шилегов, Скопје ќе расте во единствена коалиција, со граѓани што ќе учествуваат во одлуките за сите важни проекти преку системот на директна демократија.

„Ова се избори за Скопје и иднината на нашиот град и тоа не смееме да го заборавиме. Ова се избори на кои избирате како Скопје треба да продолжи напред и за тоа во каков град сакаме да живееме. И ништо друго. Сите вие што во првиот круг решивте од кои било причини да не излезете на гласање, ве повикувам на 31 тоа да го направите“, повика градоначалникот Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.