СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Темелна реконструкција на Мајски цвет во Карпош, повик за бесплатно чистење на оџаците

Користејќи ги поволните временски услови, Општина Карпош продолжува со целосна санација и реконструкција на повеќедецениски стариот објект, во чии рамки функционира детската градинка „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1.

Од неодамна беа поставени нови ПВЦ прозорци и врати, а целосно беа реновирани и детските тоалети, се изврши санација на фекалната канализација и санитетските јазли, а денеска се прават корекции на покривот.

Од особена важност е тоа што оваа претшколска установа ќе добие и нова фасада, и целиот објект ќе биде енергетски ефикасен, односно, значително ќе се подобри звучната и топлотната изолација. 

За таа намена, стручните служби претходно ја отстранија старата дрвена фасада и лесонитните (канцерогени) табли, кои претставуваа сериозна закана за здравјето на дечињата и персоналот кои престојуваат во градинката.

Во моментов се работи на поставување на новата фасада, откако претходно надворешните ѕидови беа изолирани со термо изолација - (Тервол) и заштитни водоотпорни табли. 

Во просториите на градинката, денеска се одвиваат и тековните работи за одржување на внатрешноста на објектот. Имено, вработените темелно ги чистат спалните соби и занималните, го бојадисуваат инвентарот и столаријата, за потоа да се дезинфицираат детските креветчиња и душеците.

 

Град Скопје ги повикува граѓаните да аплицираат за бесплатно чистење на оџаците

Град Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот. До овој момент до Град Скопје се пристигнати 99 барања за субвенции за чистење оџак.

Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. Изминатите години субвенцијата беше во износ најмногу до 1.000 денари.

Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 01.01.2020 година, a Јавниот повик трае заклучно со 30.11.2020 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до реализирање на средствата предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2020 година.

Целта на овој проект што Град Скопје го реализира континурано е намалување на загаденоста на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците.

Познато е дека опасноста од запуштени и неисчистени оџаци е голема. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Препорачливо е оџаците да се чистат 3 пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.За потсетување, Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018 и 2019 година, кога беа доделени вкупно 634 субвенции.

  





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.