СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Хотелите работат, протест пред Медицинско, 143 неосвесни возачи, поскапуваат бензините, „Празник на липите“

Хотелите од денеска повторно ќе може да примаат гости, по неколумесечната пауза поради воведувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот Ковид-19.

Стапува на сила протоколот со кој се уредуваат процедурите за хотелско-сместувачкиот дел на објектите, препораките и мерките за прием и сместување на гостите, ресторанските процедури, употребата на тоалетите, како и препораките за гостите и за постапување при појава на случај со симптоми на Ковид-19.

 

Протест пред средното медицинско училиште, родителите бараа прием на сите ученици без тестирање

Ученици и родители претпладнево направија турканици пред влезот на Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје.

Тие се револтирани поради соопштението дека учениците треба да полагаат приемен испит поради големиот интерес за упис. Родителите бараат наместо квалфикациски тест, да се отвори уште една паралелка за насоката медицинска сестра на албански наставен јазик за да можат да се запишат сите пријавени.

На собирот пред училиштето најголемиот дел од учесниците носеа маски, но немаше дистанца помеѓу луѓето. Интервенираше и полициска екипа и обезбедувањето, кои успеаја да ја смират ситацијата.

Тензијата траеше повеќе од два часа, по што учениците сепак влегоа на тестирање.

 

Од полноќ зголемување на цените на горивата

Mалопродажните цени на нафтените деривати од вечерва на полноќ се зголемуваат во прoсек за 1,96%, информираат од Регулаторната комисија.

Ова практично значи дека цените на еуросупер БС-95, еуросупер БС-98, еуродизел (Д-Е V) и на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемуваат за еден денар за литар.

Така од полноќ цената на еуросупер БС-95 ќе изнесува 60,50 денари за литар, еуросупер БС-98 ќе се продава за 62,50 денари, еуродизел (Д-Е V) ќе чини 52 денари, додека малопродажната цена на екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе биде 41 денар за литар.

Цената на мазутот М-1 НС се зголемува за 0,510 и ќе изнесува 25,396 денари за килограм.

Од Регулаторната комисија објаснуваат дека ваквата одлука следува како резултат на зголемувањето на референтните цени на сите нафтени деривати на светскиот пазар во изминатиот седумдневен период.

 

За една недела во општина Центар санкционирани 143 несовесни возачи

На територијата на општина Центар за период од една недела санкционирани се 143 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, информираат од ЈП Паркинзи на Општина Центар (ПОЦ), кои ваквата акција ја спроведуваат во соработка со скопската сообраќајна полиција и општина Центар.

Во периодот од 15 до 21 јуни, со помош на специјалните возила „пајак“ отстранети се 75 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „блокатор“ санкционирани се 68 возила кои биле затекнати во резидентни зони, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.

 

Конкурс за најдобра песна на „Празник на липите“

Друштвото на писатели на Македонија традиционално во месец јуни ја организира поетската манифестација „Празник на липите“ со финансиска поддршка од Министерството за култура и под покровителство на Град Скопје. Овој пат поетската манифестација со физичко присуство на поетите се одложува за некој подоцнежен период во текот на годината, кога условите ќе го овозможат тоа.

Денес се распишува наградниот конкурс за најдобра необјавена песна на „Празник на липите 2020“, кој ќе биде отворен до дваесетти август оваа година. Членовите на ДПМ се покануваат да испратат своја песна за конкурсот на електронската адреса prazniknalipite@gmail или по поштенски пат, на адресата на Друштвото на писатели на Македонија – „Максим Горки“ 18, 1000 Скопје, и тоа во четири примероци.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.