СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Европски ден на музиката, ќе се реконструира коловозот во Усје, Богдановиќ одговараше на советнички прашања

Скопје годинава ќе биде еден од 12-те градови кои ќе го одбележат Европскиот ден на музиката (European music day), при што ќе бидат емитувани онлајн концерти и настапи од голем број светски изведувачи.

 

Главен организатор на 21. издание на мацифестацијата „Европски ден на музиката“ е Атина, која во оваа манифестација ќе учествува заедно со 26 други грчки општини, каде што ќе бидат емитувани концерти во живо или специјално снимени за оваа манифестација.

Со свои концерти во оваа манифестација годинава се вклучуваат и градовите Скопје, Берлин, Будимпешта, Букурешт, Краков, Истанбул, Манчестер, Милано, Љубљана, Лисабон и Прага.

Настанот ќе се одржи на 21 јуни (недела), ќе биде 10-часовен музички маратон кој ќе биде пренесуван преку интернет (live-stream) и ќе претставува вистинско музичко патување низ Европа. Сите музички настани ќе бидат емитувани низ светот преку дигиталните канали и профили на организаторот (Асоцијацијата Европскиот ден на музиката – European Music Day Association).

Градот Скопје и МКЦ го поддржуваат овој меѓународен музички фестивал, а наш претставник ќе биде составот Фолтин.

„Ова е уште една голема меѓународна културна манифестација во која Град Скопје учествува, што претставува уште еден доказ за нашите заложби Скопје да прерасне во европски модерен град, каде што вистинските културни вредности ќе бидат на највисоко ниво. За потсетување, Град Скопје поднесе кандидатура за титулата на Европската комисија 'Европска престолнина на културата' во 2028 година“, велат од Град Скопје.

 

Повик за поднесување на понуди за реконструкција на коловозната конструкција на ул.„1 и фаза 2“,  во Усје

 

Општина Кисела Вода ги повикува подобните и квалификувани понудувачи да достават запечатени понуди за градежни работи кои вклучуваат реконструкција на ул.„1 и фаза 2“ во насленето место Усје.

Реконструкцијата ќе се врши со кредит од Меѓународната банка за обнова и развој (IBRD), за спроведување на Проектот за подобрување на општинските услугите (МСИП), а општината дел од добиените средства од овој кредит ќе ги искористи за плаќања за реконструкција (рехабилитација) на коловозната конструкција на ул.„1 и фаза 2“ во ова населено место во општината.

Процесот на понудување ќе се спроведе преку процедурите за национално јавно наддавање како што е специфицирано во Упатството на Светска банка.

Повикот е отворен за сите понудувачи, онака како што е дефинирано во тендерската документација.

 

Оддржана 48-та седница на Советот на Општина Центар

 

Покрај останатите редовни точки од дневниот ред на 48-та седница на Советот на Општина Центар, градоначалникот Саша Богдановиќ одговораше и на советнички прашања.

Поставените прашања од страна на советниците во однос на преземените мерки на општината за справување со кризата од КОВИВ-19, градоначалникот ги информираше советниците дека од самиот почеток на пандемија се спроведени повеќе големи акции за дезинфекција на јавните површини, отворените детски и спорстки игралишта, јавната урбана опрема и станбените згради. Дезинфекција на воспитно-образовните институции, полициските станици, скрининг тестирања за наставниот кадар, санизација на душеците во детските градинки и бесплатна заштина опрема за граѓаните и институците. Тој ги извести советниците дека Центар е првата општина која креираше онлајн упис за првачињата и протокол за безбеден прием во основните училишта, отворени телефонски линии за обезбедување помош на возрасните лица и хуманитарни акции со поделени 30 тони храна за најранливите категории.

Со донацијата на нови велосипеди и велосипедската опрема за ПС - Центар, градоначалникот најави дека ќе се овозможи зголемено присуство на полициските службеници на терен, со цел брза и ефекисна реакција по пријави од граѓаните на територијата на општината, како едно од поставените прашања од страна на советниците и дополни дека започната е исплатата за средствата субвенционирани од проектот „Цел Центар на точак 2020“со исполнета квота во однос на сите доставени барања.

Советницте беа заинтересирани за капитални проекти предвидени во годишната програма на Општина Центар. Градоначалникот Саша Богдановиќ најави дека на почетокот на месец јули, ќе се отпочне со долгоочекуваниот инфраструктурен проект на Општина Центар – реконструкција на улицата „Орце Николов“ која е една од најзначајните и најфрекфентни улици, но и белег на Дебар Маало и Центар. Реконструкцијата ќе се состои од: стеснување на коловозниот дел со задржување на двете ленти за возила, проширување на тротоарите согласно стандардите на урбано планирање, задржување на целиот постоен дрворед долж улицата, измена на режимот на сообраќај со воведување на т.н. каскадно паркирање со цел ослободување на тротоарите. Тој најави дека во пресрет на барањата на граѓаните и наскоро започнува реконструкцијата на улиците „Мирослав Крлежа“ и „Аминта Трети“, со што ќе обезбедиме побезбеден сообраќај и движење.

Останатите советнички прашања беа во насока за уредување и реставрација на излозите и рекламите во Стара скопска чаршија, во согласност со Програмата за развој на туризмот за 2020 година, каде градоначалникот најави дека активности се веќе започнати. Исто така, тој го најави скорешниот почеток на изградбата на новата градинка во населбата Пролет со 70% самоодржливост и енергетска ефикасност, изградбата на монтажен паркинг во Дебар маало, кое ќе обезбеди нови 300 паркинг места и чија реализација е планирана за последниот квартал од годината. Го посочи максималниот напор за зазеленување на Центар со нови зелени катчиња во повеќе маала низ општината и дека во новите урбанистички планови се става посебен акцент на зеленилото, нови дрвореди, нови мали паркови и заштитни зеленила.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.