СКОПСКИ ЕПИЛОГ: Се отвори ЗОО, АСНОМ пуштен за сообраќај, времен режим на Александар Рударевски, поскапуваат горивата

Скопската зоолошка градина повторно е отворена за посети, но со нов протокол за движење поради ситуацијата со коронавирусот.

 

Од Зоолошката градина информираат дека посетителите при влезот ќе треба да носат маска или марама, а ред ќе се чека на дистанца од 1,5 м кое е уредно обележано.

Строго е забрането хранење и доближување до животните. Отпадоците мора да се фрлаат во корпите. Не смее да се употребуваат летниковците и детските игралишта. Низ зоолошката градина, посетителите ќе мора да држат дистанца“, информираат од Зоолошката градина. Бројот на посетители ќе биде ограничен, за да не се создава голема гужва.

 

ПРОШИРЕНИОТ БУЛЕВАР АСНОМ ПУШТЕН ЗА СООБРАЌАЈ

Булеварот АСНОМ е отворен за сообраќај.

Град Скопје викендов ја заврши првата фаза од реконструкцијата од крстосницата со улица Васко Карангелевски до крстосницата со булевар Србија кај мостот Близнак.

Проширениот булевар добива по три коловозни ленти во двете насоки, пешачки и велосипедски патеки од двете страни на булеварот и средишно зеленило.

По завршувањето на оваа фаза, булеварот преку новиот мост, којшто е веќе во изградба, треба да се поврзе со населбата Ќерамидница во Општина Гази Баба, а оттука и Аеродром ќе добие нова сообраќајна релација кон Центар кај поранешен Скопски саем.

 

ВРЕМЕН СООБРАЌАЕН РЕЖИМ НА УЛИЦАТА АЛЕКСАНДАР УРДАРЕВСКИ

Поради реконструкција на коловозот на улицата „Александар Урдаревски“ во Општина Бутел, почнувајќи од денеска на оваа сообраќајница ќе биде воведен времен режим на сообраќај.

Времената измена на режимот на сообраќај ќе биде означена со посебна сигнализација, ќе се однесува на потегот од кружниот тек на крстосницата со улица Боца Иванова, до крстосувањето со улица Бутелска.

Градот Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и да ја прилагодат својата брзина на движење според условите на патот.

 

ПОСКАПУВААТ ГОРИВАТА

Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за 2,5 и за 3 денари за литар.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за 3 денари на 57,5 денари за литар.

Малопродажните цени на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1)се зголемуваат за 2,5 денари за литар и со тоа малопродажните цени ќе изнесуваат: 59,5 денари, 49,5 денари и 37,5 денари за литар.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува за 3,929 денари на 23,427 денари за килограм.

 

НА 1 ЈУНИ ПОЧНУВА УПИСОТ НА ПРВООДДЕЛЕНЦИТЕ ВО ОСНОВНИТЕ УШИЛИШТА

Уписот ќе се врши од 1 до 30 јуни 2020 година во општинските основни училишта на територија на државата, со целосно почитување на реонизацијата и местото на живеење на децата.

Родителите се должни при уписот, да ја достават следната документација:

-извод од матична книга на родени за детето

-потврда за примени задолжителни вакцини на детето издадена од надлежна здравствена установа

-потврда за извршен стоматолошки преглед, издадена од матичен стоматолог

 

НОВА УРБАНА ОПРЕМА КАЈ ДРАМСКИ ВО КАРПОШ 2

Нова урбана опрема, клупи за седење и корпи за отпадоци се поставени во Карпош 2, спроти Драмски театар. На овој начин се креираат маалски центри во секоја населба.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.