Напролет ќе започне изградбата на комплексот „Ист Гејт“ на местото на Скопски саем

Напролет треба да почнат градежните работи во рамки на комплексот „Ист Гејт“, кој ќе се гради на местото на поранешниот Скопски саем. Во првата фаза ќе се гради голем трговски центар и четири станбени згради, кои се во план да се завршат до крајот на 2020.

 

Инвестиција од 350 милиони евра, на вкупна површина од 500.000 метри квадратни, преку 250 продавници со светски брендови и над 2.000 работни места ќе донесе проектот „Ист гејт“ што групацијата „Балфин“ го претстави како своја визија за нов и модерен симбол на Скопје.

 

Покрај сопствените средства на инвеститорот, финасиери ќе бидат неколку домашни банки, а се преговара и со една странска банка.

 

– Трговскиот центар и четирите станбени згради се првата од петте фази од реализацијата на проектот “Ист гејт”. Првата фаза ќе биде готова до крајот на 2020 година. Изградбата на трговскиот центар кој ќе има корисна површина од 53.000 квадратни метри ќе чини 90 милиони евра. Градбата на комплексот ќе се одвива во период од пет до седум години, а вкупната инвестиција изнесува 350 милиони евра. Овој комплекс ќе се гради на местото на Скопски саем, кој поради проблемите во кои западна, го остави без саем главниот град на земјава. Комплексот е една од позначајните инвестиции која во неколку наврати ја најавува премиерот Зоран Заев.

 

„Ист гејт“ ќе содржи трговски центар со нето површина за изнајмување од 51.000 квадратни метри, резиденцијален комплекс со 1.600 станбени единици и пет канцелариски згради со вкупна површина за изнајмување од 67.000 квадратни метри. Шопинг центарот ќе биде најголем во регионот на Македонија, Косово и Јужна Србија и освен голем број светски брендови, ќе има многу содржини за забава, фитнес и паркинг за повеќе од 2.000 автомобили.

 

Станбениот комплекс ќе има паркови, рекреативни содржини, два амфитеатри, како и зелена површина од 25.000 квадратни метри.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.