Поранешниот директор на Универзалната: Мојот најголем страв беше дека еден ден ќе има пожар, објектот беше измалтретиран

Видно ме вознемири веста дека гори Универзалната сала, рече поранешниот директор на Универзална сала, Душко Поповски, кој стигнал на самото место веднаш по информациите дека гори објектот.

„Дојдов да видам што се случува. Бев директор од 2005 до 2009 година, време во кое и тогаш беше преамортизиран објектот. Дури беше и на граница на употреблива вредност. Ваков објект од привремен карактер не смееше да работи во такво светло последните 40-50 години. Не работи веќе последните 7-8 години“, изјави Поповски.

Прва информација што ја примил кога станал директор, како што рече, била дека сличен проект или ист таков, бидејќи е бугарски проект, во Бугарија изгорел за седум минути.

„Можете ли да замислите каква трагедија би била во случај на преполна сала. Тоа беше мојот најголем страв дека еден ден ќе има пожар и навистина има, но, за среќа, веројатно, без човечки жртви денеска и без повредени луѓе. Навивам да е така. Универзалната сала беше синоним за сите луѓе во Македонија, веројатно најпознатиот објект, попрепознатлив и од Старата железничка станица и од Зоолошката градина и од сите објекти во оваа држава. Мислам дека за Универзалната сите знаеја“, додаде тој.

Жалосно е, како што вели, што објектот бил толку измалтретиран и што не се направил уште пред 30 години.

„Уште во 2005 година, кога јас стапив на должноста, имаше проект за реконструкција и доградба. Тој проект се менуваше, пак велам, не знам за какви интереси, меѓутоа тој проект што јас го почнав во тоа време не се реализира“, нагласи Поповски.

Претпладнево ЦУК објави дека има пожар и гори покривната конструкција на Универзалната сала.

Како што објави ЦУК, гореше една од куполите на Универзалната сала. Подоцна надлежните објавија дека пожарот е локализиран.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.