
Народната банка успешно се справува со шоковите, оцени ММФ
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 07 Мај 2025

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во својата завршна изјава по редовната мисија согласно член IV, оцени дека Народната банка ефективно се справи со серија економски шокови, обезбедувајќи намалување на инфлацијата, стабилен девизен курс и сигурен финансиски систем. Народната банка, според ММФ, соодветно пристапи и кон постепено и внимателно олабавување на монетарната политика, следејќи ги економските услови и анализи.
„ММФ препорачува Народната банка да продолжи со претпазливата монетарна политика сѐ додека не се потврди постојан и одржлив пад на инфлацијата. Доколку некои од домашните ризици се остварат, се посочува дека Народната банка треба да е подготвена за повторно затегнување на монетарната политика, вклучително и преку управување со ликвидноста со расположливите инструменти, како што е задолжителната резерва“, соопшти Народната банка.
Во областа на финансиската стабилност, ММФ позитивно го оценува воведувањето на макропрудентните мерки како што се ограничувањата на односот заем ‒ вредност и долг ‒ доход, коишто веќе придонесуваат за намалување на ризиците на пазарот на недвижности и за заштита од прекумерно задолжување. Поддржано е и постепеното зголемување на контрацикличниот заштитен слој на капиталот на банките и дополнителните капитални барања, со цел да се зголеми отпорноста на банкарскиот систем, а во согласност и со европската регулатива.
ММФ ја нагласува огромната важност на зачувувањето на независноста на централната банка, како основа за стабилност на цените, девизниот курс и финансискиот систем.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
