Општина Аеродром: Изготвена третата коригирана верзија на деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче

Општина Аеродром ја изготви третата коригирана верзија на деталниот урбанистички план за градска четврт JИ09 блок 09.01 кој се однесува дел од населбата Лисиче.

Новата верзија на планот, велат од Општината, предвидува дополнително намалување на бројот на станбени згради, каде покрај првичното кратење на бројот на објекти за групно домување, во последната верзија се прави дополнително намалувње.

„При изготвување на втората и третата коригирана верзија на планот, Општина Аеродром ги зеде предвид забелешките доставени од страна на граѓаните и правните лица. Во таа насока, согласно нивните барања актуелната верзија на деталниот урбанистички план, освен намалување на бројот на проектирани улици, предвидува и две нови зелени површини во форма на парковско зеленило и намалување на бројот на објекти за групно домување, како и кратење во делот на нивната катност. Конкретниот детален урбанистички план предвидува и можност на изградба на голем број индивидуални објекти, а со неговото донесување ќе се решат и голем дел од проблемите со легализација на индивудалните објекти за домување“, известуваат од Општината.

Општина Аеродром е цврсто решена да изготви детален урбанистички план, каде ќе бидат земен предвид најголем дел од забелешките на граѓаните и план кој ќе ги реши отворените урбанистички прашања. Конкретната верзија на планот за дел од населбата Лисиче ги остварува нашите заложби за нови парковски површини, зеленило и хумана урбанизација на просторот. Процесот на носење на деталниот урбанистички план, општината го спроведе во транспарентна постапка со целосна вклученост на граѓаните и редовно информирање на јавноста, додаваат од Општината.

За следната недела е закажана јавната анкета за третата коригирана верзија на планот, каде граѓаните може да ги споделат своите предлози и забелешки.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.