Муцунски за изработката на ДУП-от за Лисиче: Кампања за ширење лажни вести и дезинформации

Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, одржа прес-конференција во врска со процесот на изработка на детаљниот урбанистички план во дел од населбата Лисиче.

Муцунски нагласи дека станува збор за координирана кампања насочена кон ширење лажни вести и дезинформации пред граѓаните, со која владејачката коалиција се обидува да направи дефокус, но и да ги затскрие сопствените крупни коруптивни скандали.

„Само кај нас во Македонија може да имаме случај кога неуспешен градоначалник на сомнителен начин, унапреден во потпретседател на политичка партија на власт, на својата мајка ѝ помага да купи земјиште за луксузен хотел, и тоа по багателни цени токму во општина во која неговата партија е на власт. Или, пак, случај, каде што отсуство од седница на Владата може да биде земено како позитивна околност, а не како сомнеж за коруптивно дејство при продажба на земјиште на својата сопруга по нереално ниски цени“, истакна Муцунски.

Во однос на обвинувањата за наводна корупција и нетранспарентност во работењето на Општината, Муцунски истакна дека граѓаните се свесни дека токму владејачката партија, која стои зад овие неточни обвинувања, е симбол и школски пример за корупција.

„Сомнеж за коруптивно постапување ќе имаше доколку со овој детален урбанистички план Општината предвидеше можност за продажба на земјиште на мојата сопруга за цена од 70 денари/м2 за изградба на фотоволтаици по примерот на премиерот Димитар Ковачевски. Сомнеж за корупција ќе беше доколку во овој ДУП, Општината предвидеше маркичка за хотел со 5 ѕвездички за мојата мајка, како што тоа го направи – во согласност со информациите од медиумите, потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев. Веројатно, ‘транспарентност’ на начин како што го прави СДСМ ќе беше доколку документите ги криевме далеку од очите на јавноста на начин како што СДСМ и ДУИ го кријат својот криминал. Да биде трагедијата уште поголема, тие бараат одговорност за документ чија изработка е иницирана во период кога со Општина Аеродром и со Советот во Општината раководат нивните кадри. Прстот на одговорност, не сакајќи или без да знаат, го вперија токму во кадри што доаѓаат од нивните редови“, потенцира Муцунски.

На локацијата на која е предвиден нов ДУП во Лисиче, според Муцунски, не станува збор за изградба на стотици згради и наводно некакво бетонирање, напротив, станува збор за детален урбанистички план, кој подразбира изградба на околу 95 % објекти и за индивидуално домување (куќи) и само неколку колективни станбени згради, ДУП кој првпат предвидува изградба на нов парк во населбата Лисиче.

СДСМ претходно соопшти дека неколку парцели во Лисиче со површина над 1.000 квадратни метри биле купени како ниви пред овој урбанистички план да биде во процедура.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.