Падна холандската влада поради несогласувања за плановите за миграција

 

Холандската влада падна утрово кога Герт Вилдерс, лидер на крајнодесничарската партија ПВВ, ја напушти владејачката коалиција поради несогласувања за плановите за азил, објавија холандските медиуми.

 

„Нема потписи за нашите планови за азил, нема промени во главниот коалициски договор. ПВВ ја напушта коалицијата“, напиша Вилдерс на социјалните медиуми.

 

На прес-конференција минатата недела Вилдерс презентира план од десет точки за намалување на миграцијата вклучувајќи распоредување на армијата за обезбедување и патролирање на границите, затворање на центрите за прием на бегалци и враќање на сите сириски бегалци во Сирија тврдејќи дека земјата повеќе не е земја со висок ризик.

 

Вчера, тој побара од тројца други лидери на партиите да ги потпишат плановите и да обезбедат дека некои мерки ќе бидат спроведени во рок од неколку недели. Во спротивно, тој објави дека ќе ја напушти коалицијата.

 

Четирите партии се состанаа вчеравечер и повторно утрово, каде што Вилдерс го потврди своето заминување, објави „Дач њуз“.

 

Лидерката на BoerBurgerBeweging (BBB), ​​​​Керолин ван дер Плас, го изрази својот гнев и го опиша потегот на Вилдерс како неодговорен. „Тој ги има сите адути в рака, а сепак само прекинува сè“, им рече таа на новинарите.

 

Николин ван Вронховен, која го замени Питер Омцигт како лидер на Новиот социјален договор (NSC), ја нарече одлуката неразбирлива, а Дилан Јесилгоз, лидерка на втората најголема коалициска партија, Volkspartij voor Vrijheid en Democratie (VVD), рече дека нема разлика во мислењата меѓу партиите.

 

„Имавме десничарско мнозинство, а тој фрли сè поради своето его“, им рече таа на новинарите. „Тој, едноставно, прави што сака“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.