
(Видео) Глад и хаос во Газа: цивили упаднаа во магацин на ОН
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 29 Мај 2025

Магацин на Обединетите нации во централниот дел на Појасот Газа беше пробиен, додека очајни и гладни луѓе упаднаа во објектот во потрага по храна. Според извештајот на Светската програма за храна (WFP), две лица загинаа во инцидентот, додека неколку други беа повредени. Обединетите нации предупредуваат дека Газа е на работ на тотален глад и апелираат за итно зголемување на испораките на помош за да се избегне хуманитарна катастрофа.
Видеата потврдени од Ројтерс како автентични покажуваат големи групи луѓе како упаѓаат во магацинот, носејќи торби и кутии со храна, додека во позадина се слушаат истрели.
По единаесет недели целосна блокада, пред десет дена Израел дозволи ограничена хуманитарна помош да влезе во Газа, преку Обединетите нации и новоформираната Американска хуманитарна фондација за Газа (GHF). Сепак, специјалниот претставник на ОН за Блискиот Исток, Сигрид Кааг, предупреди дека количината на помош „изгледа како чамец за спасување откако брод ќе потоне“.
Во меѓувреме, израелските сили продолжуваат со воените операции, при што во средата загинаа најмалку 30 Палестинци, според локалните здравствени власти. Војната избувна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас го нападна јужен Израел и зеде околу 250 заложници, при што загинаа 1.200 луѓе. Оттогаш, според палестинските податоци, повеќе од 53.000 луѓе се убиени во израелски напади.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека убиството на лидерот на Хамас во Газа, Мохамед Синвар, означило пресвртница кон „тотален пораз на Хамас“ и дека Израел сега „ја презема контролата врз дистрибуцијата на храна“.
Обединетите нации велат дека досега успеале да превземат само над 200 од 800 камиони со помош што влегле во Газа, поради небезбедност и ограничен пристап. Во исто време, Фондацијата GHF наведува дека досега дистрибуирала повеќе од 840.000 оброци и отворила втор центар за дистрибуција на помош.
Канцеларијата на ОН за човекови права објави дека во вторникот 47 лица биле повредени во обид да побараат помош, додека GHF тврди дека никој не бил повреден на нивните локации.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
