
Експлозија на нови случаи на Ковид-19 во Хонг Конг, Сингапур и во Тајланд
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 19 Мај 2025

Вирусот Ковид-19 повторно бележи пораст во неколку азиски земји, предупредуваат здравствените власти. Според податоците што ги објави агенцијата „Блумберг“, најголем пораст е забележан во Хонг Конг и Сингапур, а алармантна е ситуацијата и во Тајланд по масовните собири за време на фестивалот Сонгкран.
Во Хонг Конг, активноста на вирусот е оценета како „доста висока“, а процентот на респираторни примероци позитивни на Ковид-19 достигнал највисоко ниво во последните 12 месеци. Истовремено, бројот на тешки и смртни случаи се зголемил – во неделата до 3 мај се пријавени 31 тешки случаи, што е највисока бројка во изминатава година, според Центарот за здравствена заштита на Хонг Конг.
Слична е состојбата и во Сингапур, каде што Министерството за здравство објави дека бројот на новозаразени пораснал за 28% во текот на една недела, достигнувајќи 14.200 случаи. Истовремено, дневните хоспитализации се зголемиле за околу 30%.
Во Тајланд, Одделот за контрола и превенција на болести регистрира две кластерски епидемии годинава. Зголемувањето на бројот на заразени се поврзува со традиционалниот фестивал Сонгкран во април, кој собира големи толпи луѓе и овозможува полесно ширење на вирусот.
Здравствените власти апелираат за зголемена претпазливост, особено кај ранливите категории граѓани, и потсетуваат дека пандемијата сè уште не е целосно завршена.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
