
Талибанците го забранија шахот
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 12 Мај 2025

Талибанските власти во Авганистан привремено го забранија играњето шах наведувајќи загриженост дека играта би можела да биде форма на коцкање. Како што објавија службените лица, забраната останува во сила до понатамошно известување, односно додека не се утврди дали шахот е во согласност со исламскиот закон.
Шахот е најновиот во низата спортови што талибанците одлучија да ги ограничат. За потсетување, во пракса, на жените речиси целосно им е забрането да спортуваат. По враќањето на власт во август 2021 година, талибанците постепено воведуваат закони и прописи што го одразуваат нивното строго толкување на шеријатскиот закон.
Во неделата, портпаролот на спортскиот директорат на талибанците, Атал Машвани, изјави дека шахот се смета за средство за коцкање според исламскиот закон.
„Постојат религиозни сомнежи кога станува збор за шахот“, изјави тој за АФП. „Додека не се разјаснат, шахот во Авганистан останува суспендиран“.
Сопственик на кафуле во Кабул, кој организирал неформални шаховски турнири во последните години, вели дека ќе ја почитува одлуката, но признава дека тоа ќе му наштети на бизнисот.
„Младите луѓе денес немаат многу начини да го поминуваат времето, па затоа доаѓаа тука секој ден“, рече Азизула Гулзада. „Тие пиеја чај и играа шах со пријателите“. Тој додаде дека шахот нормално се игра во многу други муслимански земји.
Минатата година талибанците ги забранија и борачките вештини, како што е ММА, тврдејќи дека се премногу насилни и некомпатибилни со исламските принципи. „Утврдено е дека овој спорт е проблематичен во контекст на шеријатот и содржи многубројни елементи што се спротивставуваат на исламските учења“, изјави тогаш портпаролот на талибанската влада. ММА-натпреварите ,всушност, беа укинати во 2021 година кога беше воведен закон со кој се забранува удирање во лице.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
