Орбан по средбата со кинескиот претседател: Ја прошируваме соработката и во нуклеарната индустрија

Кина и Унгарија ќе тргнат на „златно патување“ во билатералните односи, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг по средбата со унгарскиот премиер Виктор Орбан на третата и последна станица од неговата прва европска турнеја по пет години.

За време на десничарскиот Орбан, Унгарија стана важен трговски и инвестициски партнер за Кина, за разлика од некои други земји од ЕУ кои размислуваат да станат помалку зависни од втората по големина економија во светот.

Си пристигна во Будимпешта по посетата на Франција и Србија. Во Париз, претседателот Емануел Макрон и шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го притиснаа да обезбеди порамномерна трговија со Европа и да го искористи своето влијание со Русија за да стави крај на војната во Украина.

По средбата, Си и Орбан изјавија дека нивните земји го подигнале нивото на соработка на „сеопфатно стратешко партнерство“.

„Сметаме дека ова е нова почетна точка за подигање на билатералните односи и прагматичната соработка на повисоко ниво“, рече кинескиот претседател.

Тоа, меѓу другото, значи дека двете земји ја прошируваат соработката и во нуклеарната индустрија, рече Орбан.

Двете земји, исто така, ќе постигнат напредок во изградбата на клучните проекти, вклучително и проектот за реконструкција на железницата Будимпешта-Белград, рече кинескиот претседател.

Проектот вреден 2,1 милијарди долари, најголемиот дел финансиран со заем од Кина, е дел од Иницијативата „Појас и пат“, амбициозен план започнат од Си пред една деценија со надеж за изградба на глобални инфраструктурни и енергетски мрежи што ќе ја поврзат Азија со Африка и Европа.

Унгарија и Кина, исто така, ќе започнат со подготовки за брза железница што ќе го поврзува центарот на Будимпешта и нејзиниот аеродром, рекоа министрите.

Кина и Унгарија ја слават 75-годишнината од дипломатските односи.

Орбан почна да ја приближува својата земја до Пекинг откако дојде на власт во 2010 година.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.