Туск: Европа е во предвоена состојба, следните две години ќе решат сè

Полскиот премиер Доналд Туск оцени дека ситуацијата во Европа е најлоша од крајот на Втората светска војна и апелираше до Европејците да сфатат дека војната не е концепт од минатото, туку дека живеат во предвоена состојба во која секое сценарио е можно и дека во следните две години се ќе се реши.

„Не сакам никого да исплашам, но војната повеќе не е концепт од минатото. Реално е, почна пред две години. Знам како звучи за луѓето од помладата генерација, но мораме ментално да прифатиме дека доаѓа нова ера. Предвоена ера. Не претерувам“, изјави Туск во интервју за неколку европски медиуми, меѓу кои и полскиот весник „Газета Виборча“.

Тој рече дека шпанскиот премиер Педро Санчез побарал на самитот на Европската унија зборот војна повеќе да не се користи во документите на ЕУ бидејќи луѓето не сакаат да се плашат на тој начин, а во Шпанија тоа им звучи апстрактно.

„Она што предизвикува најголем немир денес е тоа што буквално секое сценарио е можно. Ваква ситуација не сме имале од 1945 година. Јас одговорив дека во мојот дел од Европа војната повеќе не е апстрактна и дека наша обврска не е да разговараме, туку да дејствуваме и да се подготвуваме за одбрана“, рече Туск.

Полскиот премиер во интервју за „Газета Виборча“ апелираше да го отфрли размислувањето „што ако“, бидејќи главната задача на Западот е да ја брани Украина да остане независна држава со територијален интегритет.

„Иднината на Украина е главно во наши раце. Не се работи само за Полска и ЕУ, туку за целиот Запад. Од нас зависи дали Украина ќе успее да ги избегне песимистичките сценарија. Денес ситуацијата е многу потешка отколку пред една година, но многу подобра отколку на почетокот на војната, кога војниците на Путин стоеја на периферијата на Киев“, изјави полскиот премиер, пренесува Бета.

Без разлика кој ќе биде во Белата куќа во следниот мандат, Туск смета дека Европа мора поактивно да ги негува трансатлантските врски и дека е погрешно да се мисли дека е лојална само ако се откаже од воените амбиции или, напротив, дека поради политиката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и антиамериканските чувства во некои европски земји, тие треба целосно да го прекинат сојузот со САД.

„Потребен ни е силен сојуз со САД и во исто време мора да бидеме независни и самодоволни кога станува збор за одбраната. Наша задача е да ги негуваме односите без разлика кој ќе биде претседател на САД. Нема причина Европејците да не го почитуваат основниот принцип и да не издвојуваат најмалку два отсто од БДП за одбрана“, рече Туск.

Полскиот премиер рече дека разбира оти Шпанија или Италија не сакаат да издвојуваат четири отсто од БДП годишно, по примерот на неговата земја.

„Но, два отсто од БДП едноставно мора. Не разбирам како некој може да го оспори тоа. Треба да издвоиме што е можно повеќе за набавка на оружје и муниција за Украина бидејќи живееме во најкритичниот момент од крајот на Втората светска војна. Следните две години ќе одлучат се. Ако Украина биде поразена, никој во Европа нема да може да се чувствува безбеден“, рече Туск.

Полскиот премиер предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин ја обвинува Украина за терористички напад на концертот во Красногорск и дека, како што наведе, тоа го прави без никакви докази.

„Од историјата знаеме дека Путин користи ваков тип на трагедии за свои цели. Се сеќаваме што се случи по нападот на театарот во Дубровка или училиштето во Беслан. Путин веќе почна да ја обвинува Украина иако не покажа никакви докази. Очигледно е дека треба да оправда уште побрутални напади врз цивилни објекти во Украина“, изјави Туск во интервју за европските медиуми.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.