Почнува последната недела од Велигденските пости

Оваа недела, од Велики понеделник до Велика сабота верниците ја поминуваат во строг пост, молитви и покајание.

 

На богослужбите во црквите се потсетува на последните земни денови на Исус Христос, неговото приведување и страдањето на крстот.

 

Оваа недела се нарекува „страстна“ според старословенскиот збор „страст“ што значи страдање, трпение и болка.

 

Големиот пост воедно е и најстрог пост на црквата и задолжителен е за сите христијани. Во време на овој пост треба да се воздржуваме од конзумирање месо, јајца, сирење, млеко, значи секоја храна што содржи животински масти.

 

Првите три дена од првата недела на големиот пост, се пости строго. Тоа важи и за последната недела од постот, која се пости на вода.

 

На Велики вторник православната црква го покажува Богочовекот Исус Христос како сезнаечки, кој во саботата кога го воскреснал Лазар, знаел дека еврејските старешини го осудиле на смрт.

 

На Велика среда се споменува предавството на Јуда. На тој ден во спомен на жената која истурила миро на христовите нозе, во црквите се врши една од седумте свети тајни-осветувањето елеј. Верниците тогаш се помазуваат со осветеното масло како лек за телесно и за душевно здравје.

 

На Велики четврток се служи литургија на Василиј Велики. На тој ден Исус Христос ја востановил светата тајна на причестување во облик на леб и вино што го претставуваат телото и крвта Господово. Вечерта има бдеење и се читаат 12 евангелија за Христовите страдања.

 

На Велики петок нема литургија. Тоа е најжалосниот ден за христијаните бидејќи Исус Христос бил осуден и распнат на крст. На Велика сабота последниот ден од Велигденскиот пост се служи опело за Исус Христос.

 

Што се однесува на вапцањето јајца за Велигден, свештениците препорачуваат тоа да биде во црвена боја затоа што таа ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава. Така, бојата на јајцето не потсетува на крвта христова и спасението.

 

Црвените јајца во христијанството се симбол на воскресението Христово и на самиот празник Велигден. Првите три јајца се вапсуваат на Велики четврток пред изгрејсонце за да не ги види сонцето и затоа, според верувањата, не се расипуваат со години. Старите адети кажуваат дека в зори на Величетврток треба да се вапса барем едно црвено јајце. За првото јајце се верува дека има магична моќ, па затоа неговото место е под иконата. Во народните преданија се вели дека со него се лекуваат одредени болести.

 

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.