(Видео) Арсовски: Власта тајно ја зголеми акцизата на дизелот за два денара за литар

Власта повторно тајно, шверцерски, во нејзин стил, ја зголеми акцизата за дел од горивата и тоа директно на трошок и врз грбот на граѓаните, обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Во согласност со последната одлука на Регулаторната комисија, акцизата за литар дизел е покачена од 15,50 денари за литар на 17,50 денари за литар. Ова значи дека дизелот поскапува два денара само по основ на покачената акциза од страна на Владата. Од ова произлегува дека последното покачување на цената на дизел-горивото во најголем дел се должи на оваа разлика, која треба да завршува директно во буџетот на државата и внимавајте да ги полни дупките на Владата, што ги направи во буџетот единствено со крадење на парите на граѓаните. Со последната одлука на Регулаторната цената на дизелот стаса до 63,5 денари за литар, што е покачување од 13 денари во споредба со цената, внимавајте, пред четири години кога СДСМ доаѓаше на власт“, изјави Арсовски.

Според него, ваквото поскапување на дизел-горивата поради покачената акциза не е поврзано со најавената зелена такса, што Владата ја најави, која, како што рече тој, кога ќе се донесе, дополнително ќе ги поскапи горивата од 4,13 денари за литар.

„Цената на дизел-горивото, како и на другите горива, влијае врз цените на многу производи, многу услуги, вклучително и патниот транспорт и ваквите покачувања што се случуваат и ќе се случуваат, ќе имаат импликации врз потрошувачката кошничка за граѓаните, односно ќе се зголеми цената на животниот стандард. И тоа само затоа што Владата на СДСМ и нивната коалиција крадеше од граѓаните и сега дупките во буџетот ќе ги полнат преку парите на граѓаните.

Ние еднаш јавно напоменавме, сега напоменуваме повторно, пари што одат директно во буџетот на име на новововедени акцизи, давачки и такси, тоа е покачување што не е последица на зголемување на светската цена на горивата, туку е единствено последица на алчноста на Зоран Заев, на власта и на нивното крадење како влада и коалиција. Најпрвин го испразнија буџетот, потрошија речиси 15 милијарди евра за четири години и направија нов долг од 2,4 милијарди евра. Луксузот на власта и Заев се покрива директно од давачките на граѓаните што се наметнуваат“, додаде Арсовски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ предупреди дека Македонија е позадолжена од кога било и дека сега кога буџетот е празен, се удира по џебот на народот за тој да ги покрие дупките во приходите, кои, како што вели тој, настанаа поради тендерите што им ги даваше власта на нејзини блиски луѓе и поради поткупот што го правеше пред избори.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.