Василевска: Царовска оваа година кон учениците се однесуваше како кон експериментални глувци

Оваа година Мила Царовска од позиција на министерка кон образованието и кон учениците се однесуваше како кон експериментални глувци, при што влијаеше врз сериозното уназадување на една цела генерација ученици, обвини Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, немало дел од образованието кој не страдал од импровизациите на Царовска.

„Училишната година доцнеше цел месец поради неспособноста на Царовска. Немаше протоколи за организирање на наставата и се стави под знак прашалник и физичкото присуство. Лошиот модел на електронско следење на наставата, без притоа Владата да обезбеди соодветни електронски уреди за следење на наставата за децата од социјално загрозените категории остави 15.000 ученици надвор од системот. Практично 15% од учениците не беа во можност да ја следат наставата онлајн“, вели Василевска.

Според неа, Владата трошела пари за разни тендери и бркала провизии за вакцини, а не собрала сили да набави 15.000 уреди за учениците од социјално загрозените слоеви. Со тоа, додаде Василевска, оваа учебна година Царовска протна дискриминација на мала врата.

„Царовска со глава во ѕид, не сакаше да го отстрани полагањето на матурата, а потоа не сакаше ниту да го исполни ветувањето да го намали бројот на предмети за полагање на матурата. Иако учениците и родителите го кренаа гласот, Царовска дрско ги игнорираше. Врв на ароганцијата и сервилноста на Царовска е укинувањето на учебниците и дигитализација по секоја цена. Царовска со овој можеби лукративен потег креираше невидена дискриминација“, рече Василевска.

Дополнително, додаде таа, се отвора можност за фризирање на содржините во учебниците по историја, географија и македонски јазик како и кога сака СДСМ. Затоа што дигитализацијата којашто ја најавуваат, рече Василевска, не се дигитални интерактивни учебници, туку обични ПДФ-содржини, односно скенирани учебници.

„Дигитализацијата на Царовска не е ништо друго, туку само можност за некоја фирма блиска до власта да земе можеби тендер од над 120 милиони евра. Наводната дигитализација е чист профит за поединци од власта и затоа неуморно се турка и покрај сите противења на учениците и родителите, но и експертската јавност“, рече Василевска.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.