Османи: Северна Македонија активен чинител во спроведување на политиките на НАТО

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи и денеска учествуваше на министерскиот состанок на Северно-Атлантскиот Совет на НАТО, што заради рестриктивните мерки наметнати од пандемијата се одржа преку видео врска.

„ Ние остануваме посветени на темите од клучно значење за Алијансата и како најнова членка ќе продолжиме да промовираме атмосфера и политика на регионална стабилност како клучен двигател за безбедноста и просперитетот на сите земји од Западен Балкан“, истакна Османи, во своето прво обраќање пред колегите-министри на земјите-членки.

Во своето излагање Османи истакна дека нашиот придонес ќе продолжи преку посветениот ангажман на Република Северна Македонија кон регионалната и глобалната безбедност, со директно учество во воените мисии предводени од Алијансата.

„ НАТО 2030 - процесот на рефлексија, го гледаме преку визијата за поголема предвидливост на Алијансата после 2030, која ќе продолжи да ги спроведува своите клучни задачи и да ги одржува фундаменталните принципи и политики. Алијансата преку овој проект ја гледаме како инструмент кој ќе продолжи да се грижи за нашата безбедност и ќе ни овозможи натамошен просперитет и развој“, потенцираше Османи, истакнувајќи ја значајната улога на Алијансата во актуелното безбедносно опкружување и справување со безбедносните предизвици на денешницата.

Агендата на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО опфаќаше повеќе прашања за дискусија од областите на стратешки приоритет на Алијансата, вклучително и справувањето со безбедносните предизвици, регионалната стабилност, контролата на вооружувањето, учеството во мисии и операции, а беа разменети и првични согледувања околу презентираниот експертски документ „НАТО 2030“. Исто така, министрите за надворешни работи одобрија и нотираа неколку усогласени документи во врска со темите што беа предмет на дискусија во рамки на НАТО.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.