Јанкулоска спроведeна во затворот „Идризово“

Ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска од нејзиниот дом е спроведена во затворот „Идризиво“, потврдуваат од МВР. Таа треба да ја одлежи четиригодишната затворска казна која судот ѝ ја изрече во случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“.

„Лицето Г.Ј. е спроведено во затворот Идризово“, велат кратко од МВР.

Директорот на затворот, Александар Донев, објаснува дека според степенот на ризик, ќе се утврди во кој дел на затворот ќе биде сместена Јанкулоска. Додека не се направи проценката, таа ќе биде сместена во приемното одделение. Во однос на безбедноста, тој вели дека не очекуваат да има проблеми.

Ексминистерката Јанкулоска беше осудена на шест години затвор, а, пак, Апелациониот суд ѝ ја намали казната на четири години. На ексминистерката ѝ се судеше во раздвоена постапка во предметот „Тенк“, бидејќи имаше ризична бременост.

Поранешниот премиер Никола Груевски за овој случај веќе е осуден на две години ефективна затворска казна, а помошникот во министерството Ѓоко Поповски доби намалување од шест и пол на четири и пол години казна затвор на скопска Апелација.

Јанкулоска во завршните зборови на судењето побара ослободителна пресуда со образложение дека немала намера никому да влијае и да врши притисок.

Во однос на раздвоената постапка за предметот од обвинителството означен како „Тенк“ против Јанкулоска, од Основниот суд Скопје 1 информираат дека денеска предметот од Врховниот суд е вратен во Основниот кривичен суд Скопје.

„Предметот е распределен кај судија за извршување санкции кој издал наредба за спровод на осудената во КПУ Идризово, со оглед да на истата од претходно и е издаден упатен акт кој досега бил во мирување се до надлежно одлучување на највисокиот суд по поднесено барање за воредно

преиспитување пресудата, а сите роковите за доброволно пријавување за издржување на затворската казна се веќе истечени. Согласно одлуката на Врховниот суд, постапката продолжува од оние

дејствија кои претходно биле прекинати односно ставени во мирување“, соопшти судот.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.