Градоначалникот на Велес превентивно во изолација, неговата сопруга прегледувала двајца од заразените

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, од вчера е во домашна изолација поради тоа што неговата сопруга прегледувала двајца од тројцата заразени пациенти од Велес. Поради можноста да се заразени двајцата одлучиле да направат тестови за коронавирус и да останат дома.

„Мојата сопруга е матичен лекар на двајца од тројцата заразени пациенти од Велес. Вчера кога стигнаа резултатите дека се позитивни решивме и ние да го направиме тестот, поради контактот што го имала сопругата. Самоиницијативно решивме да останеме дома, во изолација, во следните 14 дена. Добри сме двајцата, немаме никакви симптоми, но сметаме дека е подобро да останеме дома поради контактите со заразените. Резултатите од тестот ги очекуваме утре“, изјави за „А1он“ градоначалникот Аце Коцевкси.

Уште 35 лица од Велес се тестирани за коронавирус вчера поради тоа што контактирале со заразените, но градоначалникот вели дека оваа бројка, најверојатно, ќе расте бидејќи сè уште се прави анкета за контактите.

Тројцата заразени од Велес не патувале во странство, но имале контакти со заразените од Кавадарци.

Вкупниот број заразени од коронавирус во Македонија до 12 часот се искачи на 201. Од нив 123 се од Скопје, 43 од Дебар од кои двајца се починати, 15 од Куманово од кои една пациентка почина, 8 од Штип, 3 од Велес, 3 од Охрид, 2 од Кавадарци, 2 од Прилеп и по еден случај има во Гостивар и во Тетово. Министерството за здравство денес извести и за уште двајца излекувани од коронавирус, со што вкупната бројка на излекува е тројца пациенти, а исто толкава е и бројката на починати од коронавирус.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.