Усвоени измените во законот за извршување, социјално загрозените нема да плаќаат

Законодавниот дом ги изгласа најновите измени и дополнувања на Законот за извршување кои ги подготви Министерството за правда.

 

Ова е втора измена на законот, а од Министерството нагласуваат дека двете измени се во насока на градење на концепт на правично извршување и заштита на достоинството на граѓаните.

 

Со измените целосно се изземаат од присилното извршување примањата на граѓаните кои се корисници на гарантирана минимална помош, примањата на децата согласно Законот за заштита на децата, како и примањата за социјална сигурност на старите лица, согласно прописите за социјална сигурност на старите лица.

 

„Измената на Законот за извршување е одраз на реалната потреба за помош и поддршка на загрозените категории на граѓани кои се соочуваат со егзистенцијални проблеми. Социјално ранливите групи на лица, не по своја вина, не се во можност да ги намират своите долгови без да им се загрози егзистенцијата - не само личната - туку и на нивните семејства“, велат од Министерството.

 

Дополнително, со измените се намалува износот на максималната вредност која може да биде задржана, односно се менуваат ограничувањата на извршувањето и тоа од 1/3 на 1/5 од плата и пензијата за лицата приматели на просечна плата и пензија, надомест на трошоци за сместување на лице и надоместок за згрижување на згрижувачко семејство, како и за децата корисници на семејна пензија.

 

Примената на законските одредби ќе се однесува и за веќе започнатите извршувања бидејќи станува збор за поповолен закон за граѓаните.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.