Русковска со порака до судија од Апелација: „Од гаќи ќе ве истресам, ако вие сте ја пуштиле Катица“

По најавата на обвинителката Вилма Русковска дека ќе покрене финансиска истрага против судиите од Апелација кои вчера донесоа одлука за куќен притвор на поранешната јавна обвинителка Катица Јанева, со реакција се јавија од Апелацискиот суд.

 

Судот ја пренесе и содржината на СМС-пораката која Русковска му ја испратила на еден од тројцата судии кои наводно ја донеле одлуката, а која гласи:

 

„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како вас никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“.

 

Апелацискиот суд Скопје, во врска со изнесената содржина на СМС-пораката, изразува став дека тоа претставува директна закана и грубо мешање во работата на судот, каде јавното обвинителство е само странка во постапката.

 

„Ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем со кое директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки, што во секој случај претставува кршење на Уставот, законите и Етичкиот кодексот на јавните обвинители“, се наведува во соопштението на судот.

 

Вчера откако Јанева беше пуштена во куќен притвор, обвинителката Русковска најави финансиска истрага за судиите кои ја донеле ваквата одлука. Потоа од Апелацискиот суд најавија дека и тие ќе поднесат пријава за заканувачка СМС-порака од Русковска.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.