Димитров се сретна со специјалниот пратеник на премиерот на Канада за ЕУ и Европа

 Членството на Северна Македонија во Европската унија и НАТО биле во фокусот на денешната средба на министерот за надворешни работи Никола Димитров и амбасадорот Стефан Дион, специјален пратеник на премиерот на Канада за Европска Унија  и Европа.

 

На средбата, како што соопшти МНР, Димитров се заблагодари за цврстата и континуирана поддршка на Канада за остварување на нашите стратешки приоритети, како и за брзото ратификување на Пристапниот протокол за членство на државата во НАТО.

 

Димитров го информирал соговорникот за реформскиот контекст во кој се наоѓа државата и очекувањата за одлука за почеток на пристапни преговори со ЕУ во октомври.

 

-Северна Македонија и Канада ги споделуваат либерал-демократските вредности, мултилатеризмот и функционалниот мултикултурализам, истакна Димитров.

Високиот канадски претставник ја реафирмираше поддршката од страна на Канада, согласно Декларацијата за соработка и стратешко партнерство меѓу двете земји.

 

-Тука сум затоа што сметам дека не треба да се занимаваме само со проблеми, туку и со држави кои одат во правилната насока, а Северна Македонија е позитивен пример токму во оваа смисла, нагласи тој.

 

На средбата, соговорниците ги разгледаа и билатерални односи, оценувајќи ги како блиски и пријателски, како и начинот за нивно натамошно продлабочување, како на билатерален, така и во рамките на мултилатералните механизми за соработка. Се разговараше и за актуелните случувања во регионот на Југо-источна Европа.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.