Идентификувани 167 деца на улица меѓу кои и 18 бебиња

Вкупно 167 деца меѓу кои 18 бебиња, се идентификувани на неколку пофреквентни крстосници во Скопје во изминатите две недели од страна на шест мобилни тимови.

 

Најчестите активности во кои децата се вклучени, е улична работа, вклучително и продавање на мали предмети, чистење на стакла и питачење. Поголемиот дел од нив се без документи и не се вклучени во образовниот процес.

 

Ова, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, се дел од податоците коишто зајакнатите мобилни тимови за постапување со деца на улица денеска ги презентираа. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека единствен начин за да ги детектираме и да почнеме да ги решаваме проблемите со кои се соочуваат децата на улица, е да работиме одблизу со нив и нивните семејства, да им овозможиме континуирана помош и поддршка. Токму затоа, ги јакнеме мобилните тимови на Центарот за социјални работи кои веќе почнаа со мапирањето на најфрекфентните локации каде што има деца коишто питачат.

 

Царовска додаде дека на полнолетните ќе им помогнат да најдат работа и ќе ги насочуваат да се вклучат во мерките за доквалификација и прекфалификација кои се нудат.

 

Првичните наоди од теренските истражувања потврдуваат дека децата на улица често се жртви на повеќе негативни искуства, вклучувајќи физичко и психичко малтретирање и занемарување и оти многу од овие деца го пропуштаат правото на образование, здравје и заштита. Почнувајќи од следната недела, теренските работници ќе ги посетат домовите на децата што ги идентификувале на улиците и ќе почнат да работат со семејствата. Проширувањето и зајакнувањето на мобилните тимови со стручен кадар е поддржано од УНИЦЕФ, а се спроведува преку ЦСР Скопје во соработка со Црвен Крст на град Скопје.

 

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.