Раичката обител побројна за три монахињи

Сестринската света обител на еден од најпознатите женски манастири, не само кај нас туку и пошироко на Балканот „Свети Георгиј Победоносец" во дебарското село Рајчица, во предвечерието на патронот е побројна за три монахињи.

 

За време на празнична вечерна богослужба три искушенички од Рајичката света oбител беа причислени кон светиот монашки собор, положувајќи ги монашките завети и примајќи монашки потстриг од раката на Митрополитот Дебарско-кичевски г.Тимотеј.

 

-За првпат во историјата на oбителта, во навистина преубава атмосефра,во присутво на околу илјада верници трите искушенички сега станаа сестра Филотеја, Фотина и Христина, со што обителта брои 11 монахињи, велат сестрите од овој познат женски манастир.

 

Верниците кои ги имаше од сите делови на државава, сегашни и поранешни жители на селото и нивни потомци, кои сега живеат во други градови, пред се во Скопје, како и малкуте жители од селото не паметат толкава голема масовност, како оваа вечерва.

 

-Многу сум среќна,не можам да опишам со зборови. Душата ми е преполна со радост. Многу народ, како никогаш до сега. Божјиот храм и се околу него светна во целиот свој сјај. Ми се чини како сите ангели вечерва да слетаа од небото тука овде, каде се крстени и венчани многу поколенија од нашата фамилија, вели со нескриена восхит рајчанката Ката Мартиновска.

 

Утре, на денот на патронот во 7:30 часот ќе започне утрената богослужба и ќе биде проследена со Божествена Литургија, која е предвидено да започне во 09:00 часот.

 

Манастирот „Свети Георгиј Победоносец" е женски манастир и е метох на познатиот и најбогатиот македонски манастир „Свети Јован Крстител", попознат како Бигорски манастир.

 

Се до 1945 година во манастирот опстојувало братство кое било забрането од комунистичката власт. Од 1999 година благодарејќи на иницијативата на игуменот на Бигорскиот манастир архимандрит Партениј (со братството), манастирот беше возобновен, а воедно беше возобновено и женското монашко сестринство.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.