
Пеколот во „Пулс“ го откри вистинското лице на власта, велат од СДСМ
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 04 Јуни 2025

Нема правда за најголемата трагедија во поновата историја на Македонија, пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 62 деца, а над 200 беа повредени, реагираат од СДСМ.
„Поминаа речиси три месеци, а Обвинителството не поведе ниедно обвинение против актуелни функционери на власта, кои биле на функции.
Тоа не може да биде случајно. Тоа е организирана заштита од власта.
Клучното прашање е зошто Мицкоски се плаши од вистината за Кочани?
Дали се плаши дека ако истрагата ја следи вистината, таа ќе стигне до врвот на власта? Дали затоа се штитат вистинските виновници?
Началничката на ОВР Кочани, Марија Цветковска-Маневска, и покрај тоа што беше на функција за време на трагедијата, остана недопирлива.
Зошто не одговара за тоа што не постапила по службените белешки за незаконското работење на „Пулс“? Зошто не одговара за затворената врата – клучен фактор за смртта на десетици млади?
Зошто не е обвинет сменоводителот Драган Казак Петрушев, за кого има индиции дека бил директно инволвиран во незаконско затворање на дискотеката? Иако има сведочења за негов контакт со сопственикот и за контроли надвор од процедурата, Петрушев не се гони. Можеби затоа што е кадар на ВМРО-ДПМНЕ?
И Дејан Салтировски, началникот на СВР Штип, е недопирлив“, велат од СДСМ.
Како што додаваат, и покрај сомневањата за фалсификати во акциската документација и неговото присуство во критичната ноќ, обвинение нема.
„Дали затоа што е во блиска врска со Орце Тодоровски-Ефто, еден од најблиските луѓе до Мицкоски?
Во истрагата се опфатени обични полицајци, кои минатата година ја казниле дискотеката, но не и оние што имале службена обврска да проверат сопственост и правен статус на објектот.
Селективната правда е неправда“, додаваат од оваа партија.
Според СДСМ, родителите, семејствата и цела Македонија заслужуваат одговори, а не молк и заштита на виновниците.
Го повикуваат Обвинителството да се ослободи од политичкиот притисок и, конечно, да спроведе независна, професионална истрага.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
