
Лекарска комора одбележа 33 години постоење како самостојна и професионална организација на докторите
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 04 Јуни 2025

Лекарската комора одбележа 33 година од постоењето како самостојна и професионална организација на сите доктори на медицина во нашата земја на свеченоста организирана во Велес, во присуство на претставници на државни институции, претставници на органите и телата на Комората, како и доктори од целата држава.
„Денес е денот кога ја славиме лекарската професија како една од најсуштинските и најблагородните. Без неа, не можеме да имаме модерно, демократско и развиено општество. Докторите не се само доктори, тие се истражувачи, иноватори, едукатори, тие се носители на надеж и поддршка за секој пациент. Нивната посветеност на животот и здравјето на поединецот е темел на јавното здравје и социјалната стабилност. Докторите се двигатели на медицинскиот напредок, постојано барајќи нови решенија и терапии за да се подобри квалитетот на животот. Унапредувањето на нивниот статус, преку обезбедување подобри услови за работа, континуирана едукација и економско зајакнување, не е само прашање на фер однос кон нив, туку и инвестиција во иднината на целото општество“, истакна претседателката на Комората, проф. д-р Гривчева Стаределова во своето обраќање, давајќи пресек на активностите кои ги имаше Комората во изминатиот период.
На настанот беше врачено највисокото признание што го доделува Комората, наградата „Св. Наум Охридски“ која ја доби д-р спец. Душко Темелков, матичен лекар од Кавадарци, со 37-годишно богато професионално искуство. Д-р Темелков претставува вистински пример за посветеност на својата заедница кој го достигнал врвот на својата професија, почитувајќи ги највисоките етички принципи, оставајќи траен белег во здравството на Кавадарци и пошироко.
Посебната награда „Примариус д-р Димитар Ивановски“ за тројцата студенти по медицина со највисок просек од трите медицински факултети, годинава ја добија Јована Цветановска – Медицински факултет, Универзитет “Св. Кирил и Методиј” – Скопје, Галена Аризанкоска – Факултет за медицински науки, Универзитет “Гоце Делчев” Штип и Фјола Ружди – Факултет за медицински науки, Државен универзитет Тетово.
Плакетата за најдобар труд го доби трудот “Скрининг за прематурна ретинопатија за предвремено родени бебиња во Република Северна Македонија – 15-годишни резултати (2009 – 2024)“ чии автори се д-р Беким Татеши, д-р Игор Исјановски, д-р Сузана Кленкоски од ЈЗУ Универзитетска клиника за очни болести, Скопје.
На настанот беа доделени и благодарници на докторите вклучени во спасувањето на животите на повредените во пожарот во Кочани кои покажаа исклучителна стручност, пожртвуваност и хуманост.
„Лекарска комора, во знак на длабока благодарност и почит, сака да го одбележи и истакне овој нивни подвиг. Со доделувањето благодарници, им оддаваме признание на околу 500 доктори кои беа вклучени во лекувањето на повредените во пожарот во Кочани. Ова е мал гест за огромниот подвиг, но е искрен чин на благодарност за нивната беспрекорна посветеност на животот и здравјето на луѓето“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.
Лекарска комора е формирана на 5 јуни 1992 година, на иницијатива на неколку доктори од Македонското лекарско друштво. Првата конститутивна седница на Собранието на Комора е одржана во просториите на Воената болница. Десет години подоцна Комората добива јавни овластувања за издавање на лиценци за работа, организирање на полагање стручен испит и акредитација на настаните од континуираната медицинска едукација, со што се воспоставува многу значаен систем за регулирање на медицинската професија кој директно нè приближува до европските стандарди.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
