
Стојаноски на средба со синдикални претставници: намалување на процентот за репрезентативност на синдикатите за изедначување со работодавачите
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 03 Јуни 2025

Претседателот на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика, Бојан Стојаноски, оствари средба со претставници на неколку синдикални организации, со кои разговараше за Предлогот на закон за изменување на Законот за работните односи, по скратена постапка, со чие донесување, како што беше речено, се очекува да се демократизира процесот на синдикално застапување на работниците.
На средбата се приклучија и пратениците Беким Сали и Даниела Белимова, како претставници на групата пратеници – предлагачи на законското решение, со кое се предлага изедначување на условите за определување на репрезентативност на синдикатите со организацијата на работодавачите и се одредува ист процент од пет наместо постоечките 10 проценти.
Поточно, како што е појаснето во информацијата, со Предлог-законот се предвидува намалување на процентот за услови за определување репрезентативност на синдикатот од 10 на пет проценти за вкупниот број на вработени во земјава кои плаќаат синдикална чланарина.
Претставниците на синдикалните организации кои присуствуваа на средбата: Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организаци (КСОМ), Благоја Ралповски од Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) и Слободан Антовски од Унијата на независни и автономни синдикати (УНАСМ) го поздравија предложеното решение, посочувајќи дека на тој начин ќе се овозможи и посоодветна застапеност на синдикатите во Економско – социјалниот совет, се истакнува во соопштението.
Стојаноски, посочи дека на средбата биле повикани претседателите на сите синдикални здруженија и, како што рече, вратата за дијалог останува отворена и за оние кои овој пат не се одзвале на поканата.
Тој рече дека со намалување на процентот на репрезентаивност за синдикатите ќе се оневозможи да се монополизира тој простор, затоа што, како што посочи, треба да се остави простор да се слушне гласот на работниците преку што повеќе организации. Во тој контекст, посочи и на уставните одредби според кои на граѓаните им се гарантира слободата на здружување, како и правото да основаат синдикати заради остварување на своите економски и социјални права.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
