
Синдикалната кошничка поскапува, народот осиромашува, а власта не презема ништо, велат од СДСМ
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 21 Мај 2025

Според СДСМ, поразителни се последните податоци, за само еден месец, синдикалната кошничка е поскапена за 1.217 денари.
Како што оценуваат во опозициската партија, само за храна и пијалоци, трошоците се зголемени за 954 денари.
„Денес, на едно четиричлено семејство му требаат речиси 64.000 денари месечно, само за преживување. Ова е директна последица на неспособноста на власта која не презема ништо. Дебакл на економските политики на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Цените растат, платите стојат, мерки нема“, додаваат од СДСМ.
Како што велат, додека граѓаните се борат со скапотијата и бројат денари за да обезбедат леб до крајот на месецот, владата троши за октоподи, школки и лосос.
„Само во април и мај, СОЗР склучила милионски договори вредни 2.2 милиони денари за луксузна храна, додека народот преживува со кредити и одрекувања. Ова не е политика, ова е грабеж“.
СДСМ бара веднаш владата да ги прифати мерките за покачување на минимална плата на 500 евра. Зголемување на платите во јавниот и приватниот сектор. Укинување на ДДВ за храна за реално намалување на цените.
„Ќе се бориме за достоинствен живот, за реални плати и економија што работи за народот, а не за министрите“, додаваат од СДСМ.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
