
Власта да не чека уште еден фемицид, недозволиво е да се чекаат уште трагедии, порачуваат од партијата Левица
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 07 Мај 2025

Црната хроника на фемициди и семејно насилство повторно ја разбуди јавноста, но за жал, повторно предоцна. Уште едно убиство на жена беше потребно за властодршците од ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ да сфатат нешто што Левица алармираше уште лани: дека е неопходна измена на Кривичниот законик со која телесната повреда при семејното насилство и насилството врз жени ќе се гони по службена должност, а не исклучиво по предлог на жртвата, велат од оваа партија.
Левица, како што наведуваат, оваа суштинска и животозаштитна измена ја предложи во ноември 2024 година.
„Но тогаш, парламентарното мнозинство заслепено од ароганција и партиски суети – го отфрли предлог-законот, етикетирајќи ја Левица како „популистичка“.
Истата оваа власт, која без проблем турка обемни и системски закони по скратена постапка, сега, иако најавија ‘ургентни’ измени на Кривичниот законик за конкретната цел – постапката според која го најавуваат законот претставува долга процедура. Според она што го најави министерот за правда Филков, процедурата опфаќа подготовка, консултации, објавување на ЕНЕР и течење на рокови, владини седници, мислења за да стигне до Собрание на седница, а потребната измена се однесува на бришење на буквално пет зборови во член 130, став 5 од Кривичниот законик. Како шо тргнале може и по редовна постапка да го стават со три читања“.
Постапките на оваа власт, според Левица укажуваат на институционална незаинтересираност што граничи со политичка некрофилија – чекање нова жртва за да воопшто се мрдне со прст. Оценуваат дека ниту има превенција, ниту има навремено дејствување и се дејствува дури по трагедија, ако воопшто им текне, како што велат, да дејствуваат.
„Доволна беше глумата дека измислиле топла вода – апелираме до власта веднаш, без одлагање, да ја поднесе измената која Левица ја подготви и предложи пред шест месеци, а која тие ја отфрлија.
Ситуацијата е алармантна и недозволиво е да се чекаат уште трагедии.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
